Поранешниот претседател на ФФМ, Сејдини, излегува од притвор со гаранција од над 1,15 милиони евра


meti-izjava.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини, ќе се брани од слобода откако Основниот кривичен суд Скопје ја прифати понудената гаранција во износ од над 1,15 милиони евра.


Како што соопшти Судот, гаранцијата се состои од засновање хипотека врз недвижен имот, а истовремено му е определена мерка на претпазливост – одземање на патната исправа, со цел да се обезбеди неговото присуство во понатамошниот тек на постапката.

Сејдини беше во притвор од 24 април годинава, кога по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје му беше определена мерка поради опасност од бегство и можност за влијание врз сведоци. Притворот подоцна беше продолжен со одлука на Кривичниот совет.

Тој е осомничен за кривичното дело „проневера во службата“, а според Обвинителството, во периодот од ноември до декември 2024 година, како претседател на ФФМ, овозможил противправна имотна корист од околу 660.000 евра за скопска компанија при реализација на проект финансиран со средства од програмата на УЕФА за изградба на трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид.

Според наводите на Обвинителството, Сејдини, спротивно на одлука на Управниот одбор на ФФМ, внел дополнителен услов во договорот со избраната компанија со кој било предвидено авансно плаќање од 20 проценти од вредноста на договорот пред почетокот на градежните работи, без изведувачот да го побара тоа и без обезбедување гаранција за исплатените средства. По негов налог, спорниот аванс бил исплатен на 17 декември 2024 година.

Од Кривичниот суд соопштија дека по позитивното мислење од јавниот обвинител и бидејќи против решението не била поднесена жалба, одлуката станала правосилна, по што Сејдини е пуштен да се брани од слобода.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK