Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ одговори на коментарите на Рафаел Надал по освојувањето на 24. Грен слем титула во кариерата.
Шпанецот во опширното интервју изјави дека Ѓоковиќ „ќе бил исфрустриран“ доколку не го направел тоа.
„Мислам дека Ѓоковиќ ја живее таа грен слем приказна на малку поинтензивен начин (од мене; од нас другите). За него би било голема фрустрација доколку не го постигнеше тој рекорд“, рече тогаш Надал.
Ѓоковиќ од Белград, каде тренира со својот спаринг партнер Карлос Гомеш, му одговори на големиот ривал.
„Видов дека стана доста вирално, дека луѓето зборуваат за тоа. Секој има право на свое мислење и како толкува некој друг во тој контекст. Тоа е сè што можам да кажам. Рафа е голем шампион, имам многу почит кон него и го почитувам како шампион, како мој најголем ривал, како човек и тенисер кој е многу вклучен во обликувањето на мојата игра и резултатите што ги постигнав. Немам намера на кој било начин да зборувам во негативен контекст за него или за Роџер Федерер затоа што мојата почит ги надминува можеби некои негативни мислења за нив. Тоа е негово мислење со кое секако не се согласувам. Имам свое мислење но нема да го споделам затоа што не сакам да ја продлабочиме темата. Воопшто нема потреба од тоа“, изјави Ѓоковиќ во интервју за „Спортал“.