– Десетици илјади навивачи на фудбалскиот клуб Севиља, предводени од градоначалникот Антонио Муњоз, излегоа вчера вечер на улиците на овој град на југот на Шпанија да го прослават освојувањето на трофејот во Лига Европа.
Севиља во средата во финалето одиграно во Будимпешта ја совлада Рома по подобро изведување пенали и по рекорден седми пат триумфираа во второто по ранг европско клупско натпреварување.
„Ви благодариме што ја исполнивте Севиља со радост“, рече Муњоз на приемот што за освојувачите на фудбалската Лига на Европа го организираше во градскиот совет.
Претседателот на шпанскиот прволигаш Хозе Кастро рече дека во минатото морепловецот Кристофер Колумбо носел сребро од Америка во градското пристаниште во Севиља, а сега тоа го прават неговите фудбалери.
„Ви благодарам на сите што ни помогнавте да го освоиме овој трофеј“, изјави пред насобраните навивачи тренерот на Севиља, Хозе Луис Мендилибар, кој седна на клупата на Севиља на средина од сезоната како привремено решение, а по големиот успех доби потврда од клупскиот претседател дека ќе ја предводи екипата и во следната сезона.