Додека ги финишира преговорите со Јури Тилеманс и Астон Вила, Манчестер Јунајтед го официјализираше своето прво засилување за сезоната 2026/27.
Станува збор за Андреј Сантос, играч од средниот ред на Челзи и повремен бразилски репрезентативец, кој има 22 години, пишува „Манчестер Ивнинг Њуз“.
Вредноста на трансферот е 50 милиони фунти, што е малку над 58 милиони евра, со оглед на тоа што фиксниот дел изнесува 48 милиони, а остатокот ќе дојде преку бонуси подоцна.
Сантос потпиша петгодишен договор со Манчестер Јунајтед. Бразилецот инсистираше да го напушти Челзи бидејќи не добиваше шанса каква што сакаше во конкуренција со Мојсес Каиседо и Енцо Фернандез.
Минатата сезона одигра 27 натпревари во Премиер лигата, но беше стартер само во 13. Јунајтед брзо ја заврши работата околу неговиот ангажман, иако Сантос не беше дел од бразилската репрезентација на Светското првенство ова лето во изборот на Карло Анчелоти.
Бидејќи немаше обврски на Светското првенство, се очекува наскоро да се приклучи на подготовките на тимот и дека би можел да ги запише своите први минути во дресот на Јунајтед веќе на пријателските натпревари против Рексам и Розенборг.
Челзи го донесе Сантос во јануари 2023 година, кога имаше само 18 години, но не успеа да се етаблира во првиот тим. Имаше успешна позајмица во Стразбур, додека периодот поминат во Нотингем Форест не беше толку успешен.
Сантос е само еден дел од реконструкцијата на средниот ред на Манчестер Јунајтед ова лето. Се очекува белгискиот репрезентативец Јури Тилеманс, кој пристигнува од Астон Вила, да се приклучи на тимот во текот на неделата.
Foto/ Depositphotos