Македонија против Англија: Милевски посакува добар резултат, Саутгејт најавува победа

Македонија-против-Англија-Милевски-посакува-добар-резултат-Саутгејт-најавува-победа.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Фудбалската репрезентација на Македонија, вечерва, ќе заокруѓи уште еден неуспешен квалификациски циклус. Последниот натпревар, во групата, Македонија во Скопје ќе го одигра против Англија, официјално четврта селекција на ФИФА листата.


Натпреварот во Скопје, нема резултатско значење, за разлика од оној во Леверкузен, каде во директна пресметка Украина и Италија ќе решат која селекција ќе биде втора во групата.

Можеби дуелот не и значи ништо на Англија, но на Македонија може многу да и донесе. Момците на Благоја Милевски ќе играат за својата чест, ќе играат да покажат дека дебаклот од 7:0 на „Олд Трафорд“ во Манчестер, беше само лош ден.

„Овие натпревари се одлична шанса, да ги споредите своите можности со најдобрите во Европа и светот. Свесни сме дека проблемот со темпото ни е актуелен веќе со месеци наназад. Ростерот е тој, играчите имаат доста проблеми во своите клубови, ама тука не можеме да помогнеме“, рече пред мечот селекторот Милевски, кој се очекува да направи одредени измени во составот во однос на тимот кој започна во петокот против Италија.

Македонија и Англија досега одиграле пет натпревари, три пати победиле Англичаните, два натпревари завршиле без победник.

Англискиот селектор Герет Саутгејт најави дека неговиот тим ќе игра на победа. Бара од играчите подобра игра од онаа која ја прикажаа во петокот кога со 2:0 славеа над аутсајдерот Малта.

„Ние во овие мечеви имаме јасна визија за тимот кој ќе игра на Европското првенство. Играчите мора да бидат свесни дека конкуренцијата е голема. Не бевме на потребното ниво со Малта, против Македонија сакаме да го промениме тоа и да ја вратиме нашата игра Очекувам добар натпревар, полн стадион и одлична атмосфера“, рече по пристигнувањето во Скопје, Герет Саутгејт.

Натпреварот ќе започне во 20:45 часот. ФФМ им порача на навивачите да дојдат на Националната арена „Тодор Проески“ пеш или со јавен превоз. Сообраќајот и паркирањето ќе бидат забранети на паркинг местата во потесната зона на Националната арена поради ограничениот број паркинг места, освен за акредитирани возила.

Препорака на ФФМ до навивачите е да дојдат на стадионот што е можно порано (се препорачува 90 минути пред почетокот на дуелот). Вратите на Националната арена ќе бидат затворени 30 минути пред почетокот на натпреварот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK