Фудбалската репрезентација на Македонија ќе одигра контролен натпревар против Хрватска на 3 јуни наредната година во Ријека.
„Им благодарам на колегата претседател Муамед Сејдини и на моите пријатели од Фудбалскиот сојуз на Македонија за пријатната комуникација и постигнатиот договор околу одигрувањето на овој пријателски натпревар, кој одлично се вклопува во плановите на нашата репрезентација во пресрет на Европското првенство. Македонија во квалификациите покажа дека е непријатен противник и за најсилните репрезентации, па ќе биде сериозен тест за хрватската репрезентација во пресрет на последниот дел од подготовките за ЕП, а гледачите во Рујевица ќе можат да уживаат во интересна и квалитетна игра“, изјави претседателот на Фудбалскиот сојуз на Хрватска, Маријан Кустиќ.
Македонија и Хрватска досега одиграле осум натпревари. Хрватите имаат пет победи, Македонија една, а два натпревари завршиле без победник.