Збогувањето на Един Џеко со репрезентацијата на Босна и Херцеговина предизвика невиден интерес, пристигнаа речиси 500.000 барања за билети за натпреварот против Шведска. Натпреварот се игра на 2 октомври во Зеница.
Капацитетот на стадионот „Билино Поље“, е драстично помал од побарувачката. Беа пуштени околу 11.000 билети, а сите беа распродадени за само 14 минути.
Фудбалскиот сојуз на Босна и Херцеговина објави дека примил речиси половина милион барања, што најдобро покажува колку интерес има за последниот настап на еден од најдобрите фудбалери во историјата на Босна и Херцеговина.
Не долго откако стадионот беше распродаден, билетите се појавија и на црниот пазар, по неколку пати повисоки цени.
Влезниците за северната и јужната трибина официјално чинат 40 конвертибилни марки, околу 20 евра, додека препродавачите ги нудеа за 150 до 200 марки.
Уште подрастичен пример беше забележан за западната трибина. Билетот, кој во официјалната продажба чинеше 60 конвертибилни марки, односно приближно 30 евра, се појави на еден оглас по цена од дури 500 евра.
На почетокот на септември, Џеко објави дека натпреварот против Шведска ќе биде неговиот последен во дресот на репрезентацијата.
„Дојде време да се пензионирам“, рече тогаш легендарниот напаѓач.
Џеко го имаше своето деби за сениорската репрезентација на Босна и Херцеговина во 2007 година. Досега одигра 151 натпревар и постигна 73 гола, што го прави убедливо најдобар стрелец во историјата на репрезентацијата.
Речиси две децении по неговото деби, популарниот „Дијамант“ ќе се збогува со репрезентацијата пред преполн стадион, а фактот дека речиси половина милион луѓе се обидоа да добијат билет најдобро го опишува статусот на Џеко меѓу навивачите на Босна и Херцеговина.
Foto/ Depositphotos