Играчот од средниот ред на Атлетико Мадрид и шпанската репрезентација Маркос Љоренте (29) се храни како пештерски човек. Станува збор за палеолитската исхрана, која подразбира конзумирање на храна која ја земале луѓето од времето на старото камено доба. Поточно, Љоренте јаде месо, овошје, зеленчук, риба, јајца, јаткасти плодови и слично.
Од друга страна, на пример, не јаде ориз, тестенини, леб, брашно, млечни производи, преработени месни производи и рафинирани јаглехидрати.
„Го јадам она што се јадело во палеолитот. Морав да ја елиминирам рафинираната храна, не смеам ни да ја гледам, ниту житарките. Оваа диета е начин на живот. Вака живеам, вака ќе умрам. тоа е за моето здравје, не само за фудбалот. Ќе продолжам да се грижам за себе и кога ќе ја завршам кариерата“, изјави Љоренте за „Кадена СЕР“.
Љоренте ги помина сите возрасни категории на Реал Мадрид, играше и за првиот тим. Во Алавес беше кратко време, додека Атлетико го доведе во 2019 година за 30 милиони евра.
Во Атлетико одигра 194 натпревари, постигна 27 гола забележа на 28 асистенции. За шпанската репрезентација има 18 настапи, а „Трансфермаркт“ неговата вредност ја проценува на 30 милиони евра.