Ливерпул објави дека се раздели со двајца фудбалери







Ливерпул во новата сезона ќе влезе без Јирген Клоп, но и без неколку играчи. Клубот досега ги потврди се заминувањата на Жоел Матип и Тиаго Алкантара.

Жоел Матип (32) летово ќе се прости од Ливерпул по осум сезони. Дефанзивецот беше меѓу првите засилувања во ерата на Јирген Клоп, кој го донесе Камерунецот од Шалке.

Тој забележа 201 настап, постигна 11 гола, освои седум трофеи.

„Не сум сигурен дека би било можно да се каже нешто лошо за него. Прекрасен професионалец, прекрасен фудбалер и прекрасно човечко суштество, бевме благословени што го имаме со нас толку долго, а сега се што можеме да направиме е да му посакаме најдобро во неговиот нов предизвик“, изјави Клоп.

Покрај Матип, заминува и шпанскиот играч за врска Тиаго Алкантара. Тој помина четири сезони во клубот, поради повредите одигра само 98 натпревари, постигна шест гола.

„Пред да дојде во Ливерпул, верував дека ако навистина го сакате фудбалот, ќе има смисла да гледате како игра Тиаго Алкантара“, изјави Јирген Клоп.

„Технички, тој е толку, толку добар. Талент кој може да игра во која било екипа во светот и беше привилегија да го имаме со нас“, додаде Германецот.