Фудбалскиот клуб Севиља денеска соопшти дека капитенот на тимот, Хесус Навас, ќе го напушти клубот по крајот на сезоната.
„Хесус Навас ќе ја напушти Севиља на крајот на сезоната 2023/24 и тоа им го соопшти на клубот, соиграчите и раководството на утринскиот тренинг“, се вели во соопштението на клубот.
Навас помина вкупно 17 години во Севиља, со што доби статус на клупска легенда.
38-годишниот фудбалер одигра 688 натпревари за Севиља во сите натпреварувања и освои четири Лига Европа, два Копа дел Реј, Суперкупот на Европа и Суперкупот на Шпанија.
Хесус Навас прво помина десет години во Севиља, од 2003 до 2013 година, пред да се пресели во Манчестер Сити со кој ја освои Премиер лигата и два Лига купа, пред да се врати во Андалузија во 2017 година.
Со шпанската репрезентација беше светски првак во 2010 година и европски првак во 2012 година, а во 2023 година ја освои Лигата на нации.