Овој викенд во салата на спортско-рекреативниот центар „Младост“, ќе се одржи премиерното издание на кошаркарскиот турнир за младински категории, во женска конкуренција „Неготино 2023“.
Како што информираше попладнево неготинскиот градоначалник Горан Стојанов, учество ќе земат повеќе реномирани екипи од нашата земја.
– Организатор на ова спорско случување е женскиот кошаркарски клуб „Спорт тим“ од Неготино, под генерално покровителство на Општина Неготино. Во сабота и недела натпреварите започнуваат од 10 часот, во спортската сала „Младост“. Ќе учествуваат женски екипи во две младински селекции, девојчиња родени 2010/11 и девојчиња родени 2006/07, исклучиво од државава. Учесници на турнирот, покрај домаќинот ЖКК „Спорт тим“, ќе бидат и екипите на ЖКК „Јасмин“ од Кавадарци, ЖКК „Пробаскет“ од Пробиштип, ЖКК „Прима баскет“ од Гевгелија, ЖКК „,Гостивар“ од Гостивар и ЖКК „Тим арена“ од Штип, соопшти Стојанов.
Тој додаде дека со оглед на фактот дека се работи за нов спортски настан, негово прво издание, Општина Неготино ќе настојува во наредните години, да го одржи континуитетот и тој да стане традиционален.