Кевин Де Брујне (35) не ја исклучува можноста да го напушти Наполи уште во текот на зимскиот преоден рок, иако има договор до летото со опција клубот да го продолжи договорот на уште една сезона.
Легендарниот белгиски играч од средниот ред зборуваше за својата иднина на прес-конференција пред натпреварот против Манчестер Сити во Лигата на шампионите, а се осврна и на непријатностите што тој и неговото семејство ги доживеаа во Италија.
Кога директно беше прашан дали ќе го напушти Наполи во јануари, Де Брујне не даде конкретен одговор. „Во моментов не можам многу да кажам. Играм со 400 проценти од моите можности оваа сезона. Веќе немам 20 години, наскоро ќе наполнам 36 и има многу работи што морам да ги земам предвид и да размислам. Играм добро и секогаш се обидувам да му помогнам на тимот да постигне добри резултати. Имаше предизвици и многу работи се случија оваа сезона“, рече Белгиецот.
Де Брујне особено го нагласи своето незадоволство од начинот на кој одредени медиуми пишуваа за неговото семејство. Неговата сопруга, Мишел Лакроа, претходно зборуваше за нејзината желба да го напушти Неапол, а фудбалерот верува дека медиумските написи предизвикале несоодветни реакции.
„Доста сум разочаран бидејќи ако ги прочитате написите, кои очигледно не сте ги прочитале, ќе разберете што всушност е кажано. Беа кажани многу работи и имаше грди реакции кон мојата сопруга и семејството. Дури видов и фотографии од мојата куќа и тоа не е во ред.
Новинарите создадоа таква ситуација и не знам зошто. Вие не го познавате мојот живот. Никој нема право да ми го нарушува приватниот живот. Ова се работите што ме тераат да размислувам за иднината бидејќи тоа беше непријатна ситуација за мене и мојата сопруга“, рече Де Брујн.
Де Брујне тврди дека е задоволен од своите настапи во Наполи. Тој ги отфрли споредбите помеѓу неговите настапи за белгиската репрезентација и оние во италијанскиот клуб.
„Фудбалот што го играме во репрезентацијата е различен од оној во Наполи. Сепак, имам впечаток дека и тука играм добро. Ја работам својата работа оваа сезона. Секогаш сакаме да бидеме меѓу првите три екипи, но во моментов ситуацијата е таква каква што е. Јас сум стандарден играч во првиот тим, малку доцнев со пристигнувањето по Светското првенство, но играм редовно и не можам да побарам повеќе од тоа“, објасни тој.
За речиси година и пол во Наполи, Де Брујне одигра само 37 натпревари со учинок од девет гола и шест асистенции. По 12 кола од Серија А, Наполи е на осмото место со 14 бода помалку од водечкиот Лацио, додека е девет бода зад Милан, кој е на четвртото место.
Наполи е во тешка ситуација и во Лигата на шампионите. Во четири кола има само три бода и е на 27-мо место.
Foto/ Depositphotos