Поранешниот капитен на Ливерпул, Џордан Хендерсон инсистира дека неговиот трансфер во саудискиот Ал-Етифак за 13 милиони фунти не го направил за финансиска добивка, додавајќи дека во Ливерпул немало волја да го задржат по 12 години во клубот.
Во интервју за „Атлетик“, Хендерсон вели дека гледа спортски предизвик под водстсво на својот поранешен соиграч, а сега тренер на Ал-Етифак, Стивен Џерард.
„Јас не сум човек кој си оди дома и заборава што велел, и размислувам за нивни работи. Не сум сменет пошто го направив овој трансфер. Сите знаат кои се моите вредности и тоа нема врска со земјата каде што играм. Дури може да биде позитивно, бидејќи можам да донесам промени и во Саудиска Арабија. Не е точно дека земам 700.000 фунти неделно, тие бројки не се вистинити. Не велам дека немам добра плата, бидејќи имам, но не се тие бројки, со Стиви не зборував за пари туку за фудбал. Луѓето можат да веруваат или не, но парите никогаш не биле моја главна мотивација“, вели Хендерсон.
Тој исто така зборува искрено за ситуацијата во Ливерпул.
„Имаше моменти кои ме алармираа. Имав одлични односи со Јирген Клоп и тој беше искрен со мене. Нема да ги откријам разговорите, но тоа ме постави во позиција во која знаев дека нема да играм многу. Знаев дека доаѓаат играчи на мојата поиција. А, ако не играм, ќе биде многу тешко, бидејќи бев капитен долго време, а пред Европското првенство следната година тоа не ми е потребно. Кога дојдоа од Ал-Етифак, реакцијата од клубот не беше да се каже не. Да почувствував дека мојата вредност во клубот е иста, тогаш ќе останев. Ако еден од нив ми кажеше: ‘Сега, сакаме да останеш’, тогаш немаше да зборуваме сега. Не велам дека некој ме истера од клубот или дека велеа дека сакам да заминам, но во ниту еден момент не почувствуав дека некој во Ливерпул сака да останам“, објаснува Хендерсон.