Возачот на Ферари, Луис Хамилтон, ја освои пол-позицијата пред спринт трката што ќе се вози како дел од Големата награда на Велика Британија, деветтата рунда од овогодинешното првенство во Формула 1.
Седумкратниот светски шампион го победи Андреа Кими Антонели во Мерцедес за само 11 илјадити делови од секундата, во борбата за најдобрата стартна позиција. Најблиску до нив двајца беше возачот на Ред Бул, Макс Ферстапен.
Голема борба беше видена во финишот на спринт квалификациите, откако речиси сите возачи се одлучија за само еден обид, во последен момент, пред да истече времето.
Возачот на Мекларен, Оскар Пјастри, беше првиот што постави официјалното време, но веднаш првата позиција ја презеде Антонели, а потоа Хамилтон успеа да го победи младиот Италијанец. Претходно во текот на денот, двајцата имаа голема битка за првото место на слободниот тренинг, на кој победи Британецот.
Ферстапен се пласираше до третата позиција, но не беше блиску до првите двајца, а за само шест илјадити беше подобар од Шарл Леклер во Ферари.
Победникот на минатонеделната трка на Ред Бул Рин“, Џорџ Расел, беше петти, пред возачите на Мекларен, Ландо Норис и Пјастри. Првите 10 ги комплетираа Исак Хаџар во вториот автомобил на Ред Бул и дуото на Рејсинг Булс, Лосон и Линблад.
Спринт трката на „Силверстоун“ се одржува во сабота од 13 часот, додека квалификациите се закажани четири часа подоцна. Големата награда на Велика Британија започнува во недела во 16 часот.
Foto/ EPA