Крајот на овој месец во Хрватска ќе го одбележи дуелот меѓу Хајдук и Динамо, закажан за 30 март на сатдионот „Пољуд“ во Сплит. Ова ќе биде еден од клучните натпревари во трката за титулата. Покрај Динамо и Хајдук во трка за титулата е и актуелниот лидер Риека.
За регуларноста на овој натпревар да биде на највисоко можно ниво, одлучено е на средбата Хајдук – Динамо правдата да ја делат странски судии.
Неодамна се појави информација дека може да биде ангажиран најдобриот српски судија Срѓан Јовановиќ, но изборот падна на германскиот судија, 39-годишниот Данијел Зиберт.
Тој е еден од 33-те судии кои припаѓаат на елитната група на УЕФА и редовно судат во Бундеслигата, па беше неопходно да се издвојат значителни финансиски средства за неговото доаѓање на хрватското дерби.
Хрватскиот „Индекс“ денеска откри дека на Зиберт за овој ангажман во хрватското дерби ќе му бидат исплатени шест илјади евра, а на неговите двајца помошници по три илјади. Претходно тој беше ангажиран и во Грција каде ја делеше правдата на натпреварот меѓу Панатинаикос и ПАОК.