Францускиот тенисер Артур Риндеркнеш се соочува со четиригодишна суспензија поради одбивање да се подложи на допинг тест на почетокот на јуни, објавува весникот „Лекип“.
Меѓународната агенција за интегритет во тенисот (ITIA) го истражува случајот. Риндеркнеш ги негираше обвинувањата.
„Свесен сум за извештаите во врска со моето наводно одбивање да се подложам на допинг тест. Веќе ја информирав ITIA дека ги негирам овие обвинувања и побарав прашањето да биде разгледано и решено од независен трибунал. Ќе им дадам целосни информации за ситуацијата“, напиша тој на својот Инстаграм профил.
Риндеркнеш, кој сега има 31 година, моментално е рангиран на 58-то место на светската АТП ранг-листа.
Досега во кариерата не освоил титула во поединечна конкуренција. Најдобриот резултат на Французинот на Гренд слем турнирот е пласманот до четвртото коло од Отвореното првенство на САД во 2025 година.