Кристијан Ериксен направи уште еден чекор во процесот на закрепнување, бидејќи се појави на теренот на својот клуб Волфсбург за прв пат по здравствените проблеми што ги имаше во јуни.
Искусниот дански играч од средниот ред присуствуваше на пријателскиот натпревар против холандскиот тим Телстар, кој го гледаше од клупата, а германскиот клуб соопшти дека неговата посета првично била планирана порано, но била одложена поради организациски причини.
По краткиот престој во Германија, Ериксен се врати во Данска, каде што продолжува со индивидуална програма за рехабилитација.
Да ве потсетиме дека во јуни, репрезентативецот на Данска доживеа здравствен инцидент за време на пријателскиот натпревар со Украина, што повторно ги отвори сеќавањата на драматичниот срцев удар што го доживеа на Европското првенство во 2021 година.
Многумина го гледаат неговото појавување меѓу соиграчите како позитивен сигнал дека 34-годишниот фудбалер не се откажал од враќањето на теренот.
„Убаво е да се вратам, дури и за кратко време, меѓу тимот, повторно да видам познати лица и да запознаам нови луѓе. Разговорот со играчите и луѓето од клубот ми значеше многу. Исто така, бев многу среќен поради топлите зборови и поддршката од навивачите. Им посакувам на момците успешен почеток на сезоната“, рече Ериксен.
Сепак, сè уште не е познато кога данскиот играч од средниот ред би можел повторно да игра.
Неговото закрепнување ќе продолжи под постојан надзор на медицинскиот тим, бидејќи Волфсбург влегува во новата сезона од Втората Бундеслига откако испадна од елитната лига на германскиот фудбал.
Foto/ Depositphotos