Фудбалскиот клуб Ливерпул им оддаде почит на поранешниот напаѓач Диого Жота и неговиот брат Андре Силва, кои трагично ги загубија животите пред точно една година.
Во емотивна порака објавена на социјалните мрежи, англискиот великан нагласи дека нивното сеќавање не бледнее и дека нивниот белег и наследство остануваат длабоко вткаени, не само во светот на фудбалот, туку и во срцата на луѓето ширум светот.
„Денес, како и секој ден, се сеќаваме на Диого Жота и Андре Силва, кои трагично починаа пред една година. И покрај неизмерната загуба и неописливата болка, влијанието што го имаа и наследството што го оставија продолжи да живее во текот на изминатите 12 месеци“, се вели во соопштението на Ливерпул.
Клубот вели дека нивните мисли сè уште со нивните семејства, пријатели и сите што ги познаваа Жота и Силва.
„Целата наша љубов, поддршка, мисли и молитви се сè уште со нивните семејства, пријатели и сите чии животи ги допреа. Засекогаш во нашите срца, засекогаш наш број 20“, заклучи Ливерпул.
Ливерпул откри траен споменик на „Енфилд “за да ја одбележи првата годишнина од смртта на Диого Жота и неговиот брат Андре Силва.
We have installed a permanent memorial at Anfield in tribute to Diogo Jota and his brother André Silva, on the eve of the first anniversary of their tragic passing ❤️
— Liverpool FC (@LFC) July 2, 2026
Споменикот, наречен „Засекогаш 20“, се наоѓа на Авенија 97 – местото каде што навивачите спонтано се собраа за да остават цвеќе и пораки по трагичната смрт на португалскиот ас, со што се создаде трајно место за сеќавање на навивачите и семејството.
Делото на скулпторката Ема Роџерс е обликувано во форма на стилизирано срце, инспирирано од препознатливиот начин на славење на головите на Жота. Гледано од различни агли, броевите 20 и 30 може да се видат на споменикот, а напишани се и стиховите од песната, што трибината „Коп“ ја пее во чест на Жота.
Клубот соопшти дека споменикот ќе служи како траен симбол на љубовта, заедништвото и сеќавањето, како и место каде што навивачите можат да застанат и да му оддадат почит.
Foto/ Depositphotos