Еден Азар замина во пензија

Еден-Азар-замина-во-пензија.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Еден Азар еден од најдобрите играчи во својата генерација објави дека ја завршил кариерата. Азар во пензија замина како слободен играч, откако во јуни спогодбено се раздели со Реал Мадрид.


„Треба да се слушате себеси и да престанете кога ќе дојде време. По 16 години и повеќе од 700 одиграни натпревари, решив да ја завршам кариерата како професионален фудбалер. Го исполнив мојот сон, играв и се забавував на терените низ целиот свет. За време на мојата кариера запознав одлични менаџери, тренери и соиграчи. Ви благодарам на сите за прекрасното време, ќе ми недостигате.

Сакам да им се заблагодарам и на клубовите за кои играв: Лил, Челзи и Реал Мадрид. Благодарност и до Фудбалскиот сојуз на Белгија и белгиската репрезентација. Посебна благодарност до моето семејство, пријателите, советниците и сите луѓе кои беа покрај мене во добри и лоши моменти.

Конечно, благодарност до вас, моите фанови, кои ме следевте низ годините. Ви благодарам што ме бодревте каде и да играв. Време е да уживам со саканите и да собирам нови искуства. Се гледаме надвор од теренот наскоро, драги пријатели“, напиша крилниот напаѓач на Инстаграм.

Според „Трансфермаркт“, Азар кариерата ја започнал во белгиски Тубизе. Лил го донесе во 2005 година, кога имаше 14 години. Играше за јуниорите на францускиот клуб, а од 2008 до 2012 година беше во сениорскиот тим, одигра 194 натпревари, постигна 50 и забележа 53 асистенции. Со Лил беше шампион на Франција.

Во 2012 година Челзи го донесе за 35 милиони евра, а во лондонскиот клуб стана еден од најдобрите играчи во светот. На 352 натпревари постигна 110 голови и 92 асистенции. Со Челзи освои шест трофеи.

Реал Мадрид го плати 115 милиони евра во 2019 година, со што стана најскапиот играч во историјата на клубот. Најскапото засилување, на крајот испадна и најголемото разочарување. Од почетокот на авантурата во Реал имаше проблеми со повредите, често и по своја вина бидејќи проблем му правеше прекумерната тежина. Во текот на четири години, тој постигна седум гола и запиша 12 асистенции. За четири години во дресот на Реал одигра само 76 натпревари. Со Реал освои седум трофеи.

Азар е и легенда на белгиската репрезентација. Беше капитен и предводник на одлична генерација и стигна до 126 настапи и 33 гола. Со Белгија освои бронза на Светското првенство во 2018. Последен репрезентативен настап му беше на Мундијалот во Катар, кога одигра три минути во ремито со Хрватска (0:0) во групната фаза. Белгија потоа беше елиминирана од турнирот.

Меѓу другото, во 2015 година беше прогласен за најдобар фудбалер во Англија, а беше и најдобар играч на сезоните на Лил 2010/2011 и 2011/2012. и сезоната 2014/2015 на Челзи. Кариерата ја заврши со 623 одиграни натпревари, 167 гола и 157 асистенции.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK