„Доколку се докаже грешката, ќе бараме да се поништи натпреварот“

257692.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Претседателот на Барселона, Џоан Лапорта изјави дека не ја исклучува можноста да побара од Фудбалскиот сојуз на Шпанија да го повтори натпреварот од 32. коло на Ла Лига со Реал Мадрид, пренесуваат шпанските медиуми.


Реал, синоќа во Мадрид, ја победи Барселона со резултат 3:2 во 32.коло од Ла Лига. Реал до триумфот стигна со голот на Џуд Белингем во 91. минута.

Фудбалерите на Барселона, како и членовите на стручниот штаб по натпреварот изјавија дека судијата Цезар Сото Градо ги оштетил во неколку ситуации.

„Никогаш не сум бил за воведување ВАР технологија. Сепак, се залагам дека ВАР технологијата треба да се користи за да се избегнат грешки кои можат да доведат до неправедни одлуки на судиите. Не сакам само да го пренесам незадоволството на навивачите на Барселона поради лошата употреба на ВАР, туку и да нагласам дека оваа технологија, и покрај тоа што е воведена, предизвикува конфузија со контрадикторни критериуми кон клубовите“, изјави Лапорта, пренесува официјалниот сајт на Барселона.

Претседателот на Барселона истакна дека ВАР технологијата треба да им ја олесни работата на судиите. Тој особено го истакна моментот од 28. минута од мечот со Реал.

Фудбалерот на Барселона Ламине Јамал шутираше кон противничкиот гол, но голманот на Реал Андреј Лунин ја изби топката од гол линијата. Шпанските медиуми потсетуваат дека ниту забавената снимка, ниту ВАР не можеа да потврдат дека топката со целиот обем ја минала гол линијата.

Лапорта изјави дека од првиот човек на Фудбалскиот сојуз на Шпанија ќе побара видео и аудио снимки од мечот со Реал.

„Доколку се потврди дека голот е регуларен, ќе одиме до крај, не ја исклучувам можноста да побараме реприза на мечот со Реал“, изјави Лапорта.

Реал е прв на табелата во Ла Лига со 81 бод, додека Барселона е втора со 70.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK