Германскиот великан Баерн Минхен оствари рекордни 854,2 милиони евра приход во фискалната 2022/23 година.
Клубот од Минхен, објави дека го надминал рекордниот приход од 750 милиони евра остварен во претпандемиската 2018/19 година. Добивката на клубот пред оданочување е 54,5 милиони евра, додека добивката по оданочување е 35,7 милиони евра што е зголемување за 23 милиони евра во однос на претходната сезона.
„Баерн може уште еднаш да погледне наназад на исклучително успешна финансиска година. Во тешко економско опкружување, обележано со инфлација и рецесија во Германија, остваривме рекорден промет и значително зголемување на профитабилноста во споредба со претходната сезона“, изјави потпретседателот на клубот, Михаел Дидерих.
„Овие резултати ја покажуваат нашата сила и го подигнуваат нашиот капитал на рекордно ниво“, додаде тој.