Фудбалската планета со нетрпение се подготвува за нов класик. Во среда, Аталанта ќе биде домаќин на средбата меѓу Англија и Аргентина, а полуфиналниот дуел привлекува огромно внимание од спортската јавност ширум светот.
Во морето информации, една што доаѓа од Аргентина привлече посебно внимание.
Според аргентинскиот новинар Гастон Едул, актуелните светски шампиони побарале од ФИФА посебна дозвола да играат против Англија во темно сини дресови, односно да ја носат резервната варијанта, наместо во препознатливиот светло сино-бел дрес.
Конечната одлука се очекува да биде донесена во вторник, еден ден пред натпреварот.
Една од причините за ова барање е фактот дека Англија е домаќин на полуфиналниот натпревар, иако традиционалниот дрес на Аргентина не би претставувал сериозен проблем кога станува збор за разликување на боите на теренот.
Сепак, многумина веруваат дека зад оваа одлука стои доза на суеверие. Токму во темно сини дресови Аргентина ги постигна некои од своите најпознати победи против Англија на Светските првенства.
Првата беше победата во четвртфиналето во 1986 година во Мексико, која беше обележана со познатите голови на Диего Марадона – „Раката Божја“ и „Голот на векот“.
Втората дојде на Светското првенство во Франција во 1998 година, кога „Гаучосите“ славеа по подобро изведување на пенали.
На овогодинешното Светско првенство, Аргентина го носеше темно синиот дрес само еднаш, во победата од 3:1 против Јордан во групната фаза од натпреварувањето.
Англија стигна до полуфиналето со победа од 2:1 над Норвешка по продолженија, додека Аргентина ја елиминираше Швајцарија со 3:1 по дополнителни 30 минути игра и закажа нова пресметка со својот голем ривал.
Иако изборот на дресот нема да го одлучи победникот на еден од најочекуваните натпревари на првенството, јасно е дека во репрезентативниот фудбал, традицијата, симболиката и ритуалите често имаат посебно место.
ФИФА го одобри барањето, Аргентина повторно ќе го носи дресот против Англија што многу фанови го сметаат за среќен во дуелите со еден од најголемите ривали во историјата на светскиот фудбал.
Foto/ EPA