Новиот играч во тимот на Реал Мадрид, 18. годипниот Арда Ѓулер заработи нова повреда, трета откако во август пристигна на „Сантијаго Бернабеу“.
Барселона и Реал Мадрид, во летниот преоден рок се бореа за потписот на Ѓулер. Барселона речиси ја заврши работата, но тогаш Реал излезе со подобра финансиска понуда и која тој, неговите родители и менаџерот решија да ја прифатат.
Почетокот на неговата кариера во Реал се претвори во вистински кошмар.
Ѓулер веднаш заработи повреда на мускулот, поради што паузираше два месеци, па штом доби зелено светло ја обнови повредата на тренинг.
Неговото враќање беше закажано за оваа недела, требаше да биде на клупата против Брага во Лигата на шампионите и да добие минутажа, но повторно се повреди.
Ова денеска го потврди и Карло Анчелоти.
„Вистина е дека Ѓулер се повреди, ова е нова пореда, а не обновување на старата. Ја повреди задната ложа. Сепак, не сме загрижени, му рековме да не брза, неговата иднина е светла во Реал Мадрид“, кратко изјави Анчелоти.
Според првите информации, Турчинот ќе паузира уште еден месец, а неговото деби за Реал е одложено за средината на декември.