Антонио Конте ќе биде тренер на Наполи од стартот на новата сезона, пренесува Фабрицио Романо. Конте и Наполи ги договориле сите детали од договорот кој ќе биде со важност до јуни 2027 година.
Според некои италијански медиуми, Конте ќе заработува меѓу осум и девет милиони евра годишно, со што ќе стане најплатен тренер во Италија. Досега тоа беше Симоне Инзаги со плата од 5,5 милиони евра.
Наполи беше големо разочарување оваа сезона и заврши на 10. место откако минатата година стана италијански шампион. Оваа сезона смени дури тројца тренери. Лучијано Спалети го напушти клубот откако ја освои Серија А минатата сезона и беше наследен од Руди Гарсија. Него во ноември го наследи Валтер Мацари, кој беше отпуштен во февруари. Потоа, привремен тренер беше селектор на Словачка, Франческо Калцона.
Ова ќе биде прва работа за Конте по раскинувањето на договорот со Тотенхем во март минатата година. Последен пат работеше во Италија од 2019 до 2021 година, кога беше тренер на Интер. Четири пати го освојуваше италијанското првенство како тренер, три пати со Јувентус и еднаш со Интер.