Фудбалскиот клуб Вест Хем преку социјалните мрежи ги информираше навивачите и спортската јавност дека Мајкл Антонио доживеал сообраќајна несреќа.
Во моментов не се познати повеќе детали, но изгледа се работи за нешто сериозно бидејќи во објавата се наведува дека сите во клубот со мислите и молитвите се со Антонио и неговото семејство.
Фотографиите од уништеното Ферари брзо се раширија на социјалните мрежи, но исто така нема потврда дали сликите се автентични. Она што може да се прочита е дека центарфорот на „Чеканите“ со хеликоптер бил префрлен во болница од Епинг Форест во Есекс каде што се вели дека се случила несреќата.
Недолго потоа, на молитвите за 34-годишниот фудбалер од Јамајка им се придружија и другите англиски клубови, пред се оние за кои играше: Ридинг, Шефилд Венсдеј, Нотингем Форест…
„Вест Хем може да потврди дека нашиот центарфор Мајкл Антонио денеска доживеа сообраќајна несреќа. Сите ние во клубот се молиме за Мајкл, неговото семејство и пријателите. Клубот ќе продолжи да ја информира јавноста“, стои во краткото соопштение на социјалните мрежи.