Христос Мавроматис – адвокат на семејството на 29-годишниот Михалис Кацурис, кој беше убиен во немирите во Грција, зборуваше за грчката „ЕРТ“.
Тој рече дека не знае дали убиецот е меѓу 105-те хулигани уапсени и приведени, пренесе хрватски „Индекс“.
„Циклусот на распит заврши. Обвиненијата против обвинетите кои беа ослободени и осудени на привремен притвор немаат никаква врска со убиството на Михалис. Тројцата истражители кои ги испрашуваа сметаат дека процедурално не се подготвени да одговараат за тешко убиство, и им е одредена мерка притвор за други кривични дела.
Затоа реков дека очекуваме предистражен материјал кој ќе помогне да се обвинат некои лица за убиство во наредните денови и недели. Има докази за тоа кој учествувал во убиството на Михалис“, нагласи Мавроматис.
На прашањето за видеото за кое се тврди дека го прикажува сторителот, Мавроматис вели дека не го видел.
„Ја видов фотографијата што ја објавија медиумите, видеото не го видов бидејќи ние како семејство се уште немаме пристап до целото досие, бидејќи обвинителниот акт за убиство се уште е против непознати лица“, рече тој.
„Се плашам дека, ако немаме брзи резултати, одредени резултати, ќе започне дискусија која ќе има речиси провокативна логика, секој ќе се огласи и ќе каже дека сторителот е Хрват, други ќе кажат дека сторителот е Грк… Претседателот на Хрватска ќе го каже своето. Грците ќе го кажат своето. Секој ќе си ја каже приказната. Ризикуваме да влеземе во расправа додека материјалот е нецелосен и не нуди докази“, рече тој.
Мавроматис изрази уверување дека има материјал кој ќе доведе до идентификација на сторителот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
