Зечевиќ: Членството во ЕУ е клуч за подобра иднина, отвора врата на безброј можности за младите

zecevic_345435435
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Членството во ЕУ е клуч за подобра иднина и отвора врата на безброј можности за младите. Тоа е нашата голема идеја, суштината на нашата посветеност, саможртва и го правиме токму за вас, младите, порача денеска генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ Вардарски, во дискусија со младите социјалдемократи, учесници на Летниот камп на СДММ.







Според него, македонската иднина не е прашање на поединци, колективната свест и совест раѓа колективен напредок и затоа вие младите мора да бидат моторот којшто ќе ја поттикнува таа колективна свест.

-Од една страна да ви оставиме решени проблеми, чист терен, чист пат. Никој да не може да ве негира повеќе, вас, вашиот идентитет, посебност, култура, тоа прашање еднаш за на век да го затвориме и да бидете посветени на вашата иднина. Тоа е суштината на нашата посветеност, саможртва па би рекол и визионерство за европскиот проект. Од друга страна да ги имате истите можности, придобивки, ресурси како што го имаат вашите врсници во Европа, рече Зечевиќ.

На дискусијата на тема социјалдемократијата и европското поглавје, која се одржа во рамки на овој летен камп, „Д-р. Трајче Нешковски“, потпретседателката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Бисера Костадиновска-Стојчевска рече дека младите се гарант за зачувувањето на македонскиот идентитет и чувари на вредностите и постигнатите резултати.

– На младите им останува да ги чуваат вредностите кои ги негуваме и со кои постигнавме многу резултати токму за нив и за нивната иднина. Тоа се социјалдемократските вредности, кои во својата основа ги имаат и европските, врз кои ќе продолжиме да ги креираме политиките кои овозможуваат младите да имаат се подобар и подобар живот, образование и можности за мобилност, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа посочи дека за СДСМ се поврзуваат бројни успеси на меѓународен план и дека тоа е партијата која е сојузник на младите затоа што е сојузник на мирот, стабилноста, економскиот и демократскиот просперитет, како и на усвојувањето на европските и евроатлантските вредности, за подобрување на условите за животот на македонските граѓани.

Потпретседателот на СДСМ Стефан Богоев рече дека младите со својот ангажман, критичко мислење, став и стремеж за постојани промени кон подобро покажаа дека се вистинските посветени борци за подобра иднина, докажаа дека се движечка сила и на СДСМ и на државата.

– Процесот на враќање на слободата и демократијата во земјава после 11 годишното пустошење на режимот немаше да биде возможно без ангажманот на младите. Младите со својот ангажман, критичко мислење, став и стремеж за постојани промени кон подобро и во изминативе години покажаа дека се вистинските посветени борци за подобра иднина, докажаа дека се движечка сила и на СДСМ и на нашата држава, рече Богоев.

Нагласи дека социјалдемократската идеологија, со своите прогресивни вредности за меѓусебно почитување, солидарност, еднаквост и социјална правда, според него се столбот за едно напредно, демократско општество кое ги почитува човековите права и го оди патот кон Европската унија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK