ЗНМ и европските новинарски организации на средба во Владата

znm
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска заедно со претставници на пет глобални новинарски и медиумски организации кои се во посета на земјава одржаа средба со премиерот Димитар Ковачевски. Средбата се одржа по барање на ЗНМ, а предмет на разговор беше потребата, Владата и новинарската фела, заедно да изнајдат механизам преку кој ќе се унапреди плурализмот во медиумското известување, но и да се подобри генерално медиумската содржина каде ќе преовладува јавниот, а не партискиот интерес.

За оваа цел, претставниците на новинарските и медиумските организации ја истакнаа нужноста од креирање на фонд за поддршка на плурализмот во медиумите. Како што соопштија од ЗНМ, важно е да постои механизам кој ќе даде шанса на сите медиуми и новинари кои имаат идеи за квалитетни медиумски содржини да имаат пристап, на транспарентен и фер начин да бидат поддржани во своите напори со цел да го задоволат јавниот интерес.


Премиерот Ковачевски на средбата ги поздрави напорите на новинарските организации и изрази подготвеност да се отвори јавна дебата за барањата за креирање на фонд за поддршка на плурализмот во медиумите во земјава.

Освен ова, на состанокот се дискутираше за преземање на следни чекори кои би влијаеле на зголемување и заштита на слободата на изразување, мерките за поголема заштита на новинарите од напади, вербални и физички, посебно новинарките кои за време на вршење на својата работа се повеќе изложени на напади.

Во врска со транспарентноста на Владата, беа пренесени дел од пречките со кои локалните медиумски работници се соочуваат и беше уште еднаш побарано на секоја фотографија, видео и текст од владата и било која јавна институција да мора да биде јасно означена дека станува збор за владина содржина. Исто така и за ова барање, од страна на претставници на кабинетот, беше укажано дека постои подготвеност да се разговара за потенцијално техничко решение.

Во периодот од 5 до 7 јуни претставниците на новинарските и медиумските организации остваруваат средби претседателот на државата, претседателот на Владата, претседателот на Собранието, министерот на Министерството за информатичко општество и администрација, директорите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на јавниот сервис (МРТ), со амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија, Амбасадата на САД, како и со група на новинари и уредници, членови на ЗНМ.

Овие состаноци се реализираат во рамки на „мисијата за проверка на факти“ која ја организира Здружението на новинари на Македонија. Во рамки на оваа мисија претставниците на ЗНМ и на „Европската федерација на новинари“, „Фри Прес Унлимитед“, „Меѓународниот институт за медиуми“, „Европскиот центар за слобода на печатот и медиумите“, и „Osservatorio Balcani e Caucaso Transeuropa“, oстваруваат средби со важни чинители за медиумскиот сектор, а набргу ќе биде објавен и извештај со наоди и препораки.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK