-Процесот за уставни измени во Парламентот започна. Собраниската седница ги искристализира двата политички блока на македонската политичка сцена, едниот проевропски предводен од СДСМ и вториот – антиевропски. СДСМ и проевропскиот блок ќе продолжи да работи за обезбедување на мнозинство за продолжување на европскиот пат. Станува збор за иднината на земјата, на народот, битката за ЕУ е битка за младите македонски генерации и решени сме да ја добиеме, рече генералниот секретар Зечевиќ на средбата.
Зечевиќ додаде дека оваа историска шанса за продолжување на европската интеграција не смее да се пропушти. Време е да бидеме во ЕУ, рамноправни и рамо до рамо со европските народи. Неодговорно е да се одолговлекува пристапувањето во ЕУ. Ризикот е повторно земјата да биде заглавена 11 години во изолација, со нарушени односи со ЕУ и загрозени стратешки позиции, додаде тој.
-Имаме единствена можност, отворена врата за европскиот пат и оваа шанса ние сметаме дека е исклучително важно сега да ја искористиме. Во спротивно ќе видиме како земји од регионот напредуваат а ние стоиме во место, со нарушени односи со ЕУ и со загрозени стратешки позиции. Тоа значи загрозување на националниот и државен интерес. И прашањето е колку генерации ќе загубиме за 11 години? Не смееме тоа да и го направиме на сопствената татковина, додаде Зечевиќ.
Изолацијата на земјата може да е посакувана варијанта, подеднакво за луѓе од внатре но и за структури од надвор, кои не им мислат добро на македонската држава и сакаат да останеме надвор од ЕУ, надвор од европските интегративни процеси, додаде тој.
-Наивно е да се мисли дека причината за тоа е единствено зачувување на партиски или личен рејтинг, станува збор за нешто многу подлабоко. СДСМ е подготвена да се спротивстави на сите деструкции и процесот на интеграција во ЕУ да продолжи. Се работи за Македонија, за иднината на македонскиот народ и сите наши граѓани. Оваа битка за младите македонски генерации мора да ја добиеме и ќе ја добиеме, посочи Зечевиќ.
Генералниот секретар потенцираше дека сочувувањето на националните атрибути на македонскиот народ, македонскиот идентитет, јазик, култура и наследство е можно само со полноправно членство во ЕУ и целосна интеграција на македонскиот идентитет во комплексниот мозаик на европскиот.
-Во оваа смисла благодарни сме за поддршката на Германскиот Бундестаг и усвоената Резолуција со која се признава и се оддава длабока почит на македонскиот идентитет, јазик, култура и историја.
Германија не е само наша пријателска земја која силно го поддржува европскиот пат, туку и најголем трговски партнер, со голем број инвестиции кај нас, а заеднички делуваме како партнери во НАТО и ОБСЕ.
Очекуваме Германија да остане посветена на процесот на проширување на ЕУ и да остане силен наш поддржувач.