Во завршна фаза проектот за побрз транспорт на граничниот премин Ќафасан

bogoev
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во завршна фаза е реализацијата на проектот „One stop shop“ на граничниот премин Ќафасан, информираше денеска директорот на Царинската управа Стефан Богоев, по средбата со неговиот албански колега Генти Гажели.

Според него, во моментот се работи на поставување соодветна инфраструктура, со што граничните формалности меѓу двете држави ќе се реализираат само со едно застанување. Тоа значи олеснување на трговијата, транспортот и побрз проток на патници.


– Во моментов во Царинската управа во подготовка се проекти за зголемување на бројот на сообраќајни ленти и автоматизација на граничниот премин со поддршка на Владата и финансиски средства обезбедени од Светска банка и ИПА фондовите. Сите овие активности се во насока на побрзо завршување на царинските постапки, намалување на трошоците и подобрување на конкурентноста на домашните компании на меѓународниот пазар, како и за побрза интеграција на нашата држава во Европската унија, истакна Богоев.

На овој граничен премин, потсети дека е воспоставена и приоритетна лента за сите товарни возила од земјите од Отворен Балкан, за стоки кои поминуваат во рамки на зелените коридори, како и за компаниите кои имаат сертификат за овластен економски оператор од Македонија, Албанија и Србија, за кои претходно е завршен процесот за меѓусебно признавање во рамките на ЦЕФТА.

Реализацијата на проектот „One stop shop”, според директорот на Царинската управа на Албанија, Гажели, ќе го подобри животот и бизнисот не само на Албанија и Македонија, туку и за целиот регион и пошироко.

– Тука сме денес за да најдеме решение и да го ставиме во функција овој многу значаен проект, кој ќе просперира и ќе го унапреди бизнисот во Албанија и Македонија, рече Гажели.

Инфраструктурните зафати се очекува да завршат за неколку месеци по што ќе почне имплементацијата на проектот за заедничните гранични контроли меѓу Македонија и Албанија на граничниот премин Ќафасан. Идејата за воспоставување на „Оne stop shop“ на Ќафасан почна во 2018 година, а протоколите за имплементација на проектот беа потпишани во ноември минатата година.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK