Од Владата, по усвојувањето на законските измени поврзани со изградбата на автопатите на коридороите 8 и 10д, во соопштение порачаа дека законските интервенции се за изградба на стратешки инфраструктурни проекти од национален интерес и ги истакнаа економските придобивки од реализацијата на планираните активности.
-Промената на законските решенија се однесува на доуредување на постоечките закони, со кои ќе се овозможи ефикасна и брза реализиција на стратешките проекти кои се однесуваат на изградба на патиштата, железничките пруги, гасоводи и други градби од национален интерес. Изградбата на стратешките инфраструктурни проекти е важна пред сè за подобрување на условите за живот на граѓаните, за обезбедување модерна и безбедна патна и железничка инфраструктура, за рамномерен регионален развој, што крајно значи и дополнителен импулс за развојот на вкупната економија. Меѓу позначајните стратешките проекти е изградбата на Коридорите 8 и 10д, со кои како држава за прв пат, се поврзуваме кон запад и исток, се поврзуваме со пристаништето во Драч и со пристаништето во Бургас, истакнаа од Владата.
Со овие два коридора, потенцираат, прв пат како држава се поврзуваме кон запад и исток, а не како досега само поврзување север и југ. Се поврзуваме со пристаништето во Драч и со пристаништето во Бургас. За споредба, досега имавме пристап само до пристаништето во Солун. Трасите каде што ќе се градат делниците отвораат дополнителни можност за изградба на нови објекти од различни дејности, како што се бензиски пумпи, ресторани, хотели, одморалишта, деловни објекти. Тоа се нови можности за отворање на нови работни места, за вработување на жителите од регионите каде што ќе поминуваат автопатските делници од коридорите.
-Реализацијата на овој стратешки проект, во кој е предвидено да се вклучат домашни компании, значи нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП за 2 procenti годишно во наредните пет години. Со изградбата на овие два коридори, од кружен тек на Балканот, Македонија конечно станува вистинска крстосница на Балканот, можност да бидеме на сообраќајната и економската карта на Европа, стои во соопштението од владината прес-служба.
На денешната собраниска седница беа изгласани измени на Законот за работни односи, Законот за експропријација, Законот за градење и на Законот за урбанистичко планирање, како и измените и дополнувањата на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Македонија.