Тренчевска: Владата утре ќе ја преиспитува одлуката за спојување на концесиите за рудникот во Иловица

trencevska -obrok za sekoe dete
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Владата утре на седница ќе ја преиспитува одлуката за спојувањето на концесиите за рудникот во Иловица и ќе разгледа поопширна информација од министерот за економија Крешник Бектеши и вработените во Министерството за економија надлежни за доделување на концесиите, најави денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Одговарајќи на новинарски прашања, Тренчевска рече дека одлуката за спојување на концесиите за рудникот била донесена како дополнителна точка и оти во такви случаи „се потпираат на образложението што го дава ресорниот министер“.


-Рудник нема да има, затоа што ставот на министрите од Социјалдемократскиот сојуз е ист со ставот на граѓаните од општините во струмичкиот регион, Ново Село, Босилово и Василево. Гласањето за таа точка на самата седница беше ставено дополнително, и вообичаено кога имаме дополнителни точки образложението што го дава министерот надлежен за одреден ресор е образложение на коешто ние се потпираме и затоа ја гласавме точката. Меѓутоа, на утрешната седница ќе имаме пооопширна информација од страна на министерот за економија и од вработените во Министерството за економија кои работат во правниот сектор каде што се доделуваат концесиите за да ни образложат се, сите судски одлуки, сите дополнителни документи што ги имаат издаено, и утре ќе ја преиспитуваме одлуката за спојувањето на концесиите, изјави Тренчевска, по настанот „Здрав оброк за секое дете“.

Оваа концесија, дополни таа, беше доделена во времето кога Владата ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ, кога Никола Груевски беше претседател на Владата, Христијан Мицкоски советник, а градоначалници на Ново Село и Босилово беа од ВМРО-ДПМНЕ.

На новинарско  прашање како по едностраното раскинување на Договорот за концесија од страна на Владата, Управниот суд по 11 пресуди во корист на Владата неодамна одлучи да ја прифати жалбата на концесионерот и ја менува одлуката во период кога има и промена во капиталот, министерката рече дека судските одлуки не можеа и не смеат да ги коментираат, но дека токму затоа толкава е довербата во судството поради вакви и слични одлуки.

-Она што како Влада ќе го направиме, е  на утрешната седница да ги разгледаме сите одлуки со поопширни инфорнации од страна на колегите од Министерството за економија, со доставување на документите на седница на Влада за да можеме соодветно да ја преиспитаме одлуката и да донесеме одлука онака како што мислат мнозинството министри од СДСМ, рече Тренчевска.

Таа не верува дека рудниците може да бидат точка на разидување во владината коалиција, затоа што, како што рече, оваа Влада се грижи за граѓаните и вложува во нив.

– Ако  приоритет на Владата е руралниот развој, струмичкото поле со неговата плодна почва е токму она што го работи оваа Влада – инвестирање во земјоделието, земјоделците и во домашното производство, наведе министерката Тренчевска, која заедно со министерката за животна средина Каја Шукова завчера присуствуваше на протестот на активисти и граѓани во Струмица против одлуките на судовите и Владата за спојување на концесиите за експлоатација на минерални суровини на локалитетите во општините Босилово и Ново Село за отворање рудник.

На протестот беа истакнати барања за раскинување на концесиите, како и утврдување одговорност за сите кои придонеле за можностa да се отвора рудник во Струмичко, а од „Еуромакс ресоурцес“ во реакција оценија дека само со конструктивен дијалог и стручно презентирање на фактите сите загрижености ќе бидат соодветно адресирани.

– Во таа насока е и нашата безрезервна подготвеност да се формира „Независно Мониторинг Тело“ во кое ќе бидат вклучени заинтересираните граѓански здруженија, локалната управа и експертите за да го следат процесот на реализација и работење на идниот рудник, стои во реакцијата.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK