Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес оствари телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Кралството Саудиска Арабија, Неговото Височество Принц Фаисал бин Фархан Ал Сауд.
Во фокусот на разговорите беа можностите за продлабочување на билатералните односи, со посебен осврт на економската соработка и трговските врски. Воедно, Османи се заблагодари за неодамнешната евакуација од Судан на четири државјани на Северна Македонија, како знак на солидарност и потврда на пријателството меѓу двете земји, соопшти МНР.
Соговорниците се осврнаа на состојбите во Блискиот Исток, при што Османи ги поздрави континуираните заложби на Саудиска Арабија во насока на постигнување решение на ситуацијата во Јемен.
Воедно, беа разменети мислења и за соработката меѓу двете земји на мултилатерален план, како и за актуелните надворешно-политички прашања и состојби.
Во ноември минатата година Османи оствари прва официјална посета на Саудиска Арабија, каде акцентот беше поставен на презентација на поволностите кои земјава ги нуди за странски инвеститори.