Спасовски: ЕУ интеграцијата и прифаќањето на најдобрите практики во работењето се императив за сите МАРРИ учеснички

spasovski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во Министерството за надворешни работи денеска беше одржан традиционалниот дипломатски брифинг за активностите на Регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци – МАРРИ. На настанот присуствуваа претставници од дипломатскиот кор, меѓународните организации присутни во Република Северна Македонија, како и претставници од институции кои имаат ингеренции во областа на миграциите.







На настанот поздравни обраќања имаа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и директорот на МАРРИ Регионалниот Центар Сашко Коцев.

– За време на двегодишното претседавање, Република Северна Македонија ја презеде улогата на активен лидер и несебично ги стави на располагање своите капацитети сѐ со цел да стигнеме до исполнување на утврдените приоритети преку спроведување низа активности насочени кон зајакнување на регионалната соработка помеѓу МАРРИ учесничките и промовирање на европската димензија во Западен Балкан, истакна министерот Спасовски, додавајќи дека бројни состаноци, конференции, работилници, обуки како и други форми на соработка кои имаат за цел да ги надградат и зајакнат капацитетите на службите на регионалните администрации во делот на миграциите беа реализирани во рамки на механизмите кои ги има воспоставено МАРРИ.

Тој посочи дека во изминатиот период успешно е подигнато нивото на соработка меѓу МАРРИ и Агенцијата за азил на Европската Унија преку организирање на регионални обуки.

– Оваа соработка е дел од активностите предвидени во регионалниот ИПА 2 проект „Регионална поддршка на управувањето со сензитивна миграција во делот на Западен Балкан и Турција“, каде оваа европска агенција вклучувајќи го и МАРРИ Регионалниот Центар во организирањето на регионалните обуки, директно придонесува и во развојот на капацитетите на самиот Центар, рече Спасовски.

Притоа, тој ги спомна двете иницијативи посветени на европеизацијата на регионот – Берлинскиот процес и Отворен Балкан, два значајни регионални проекти со мандат во унапредување на соработката во регионот.

– Европската интеграција и зајакнувањето на сопствените капацитетите, како и прифаќањето на најдобрите практики во нашето секојдневно работење е императив за сите МАРРИ Учеснички, при што полека но сигурно чекориме кон Европската Унија. Сите ние како учеснички на МАРРИ се наоѓаме во различна фаза во делот на европската интеграција, а мене ми е особено драго што заедно сме на оваа патека. Крајната цел е јасна и нема да скршнеме од патот по кој гордо чекориме. И не е само целта да влеземе ние во Европското семејство туку и да го приближиме, да го донесеме кај нас, бидејќи на крајот од денот, ние сме ЕУ, ние сме делот од сложувалката која недостига за да биде сликата целосна, нагласи Спасовски на крајот од своето обраќање, со уверување дека лично тој и сите организациски единици во Министерството остануваат отворени за соработка со сите партнери и организации со кои заедно може постојано да се вложува за регионот да стане подобро место за живеење и дел од Европското семејство.

Директорот на МАРРИ Регионалниот центар Скопје Сашко Коцев се заблагодари на министерот за внатрешни работи Спасовски, за досегашната поддршка и изрази уверување дека истата ќе продолжи со несмален интензитет во следниот период.

Воедно, директорот Коцев ги претстави активностите на МАРРИ од изминатите 12 месеци, како и детектираните предизвици за кои веќе постојат идеи и се преземаат конкретни чекори за нивно надминување. Тој посочи дека МАРРИ ќе продолжи со имплементација на постојните проекти и одржување на состаноци на мрежите за соработка со кои управува, и тоа: Мрежа за управување со гранични работи; Мрежа за соработка при реадмисија; Мрежа на координаторите за превенција на трговијата со луѓе; Мрежа на шефови на оддели за азил.

Коцев најави дека се прават напори за воспоставување нова мрежа за соработка и тоа во делот жени во граничните полиции. На крајот беа презентирани изјави од невладини организации од регионот кои беа корисници од проектите кои МАРРИ ги спроведува.

Инаку, Регионалната иницијатива за миграции, азил, бегалци (МАРРИ) е основана во 2004 година во контекст на Пактот за стабилност преку Процесот за соработка во Југоисточна Европа (PEECP).

Учеснички на МАРРИ се Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Косово. Регионалниот центар на MAРРИ е извршен секретаријат на Иницијативата и фокусна точка за консултации, дијалог, обуки и други активности договорени од учесниците, со седиште во Скопје, Република Северна Македонија. МАРРИ е единствен регионален механизам со основен мандат за поддршка на регионот на Западен Балкан во управувањето со миграциите преку иницирање, олеснување и координирање на активности, насочени кон усогласување на правните рамки на учесниците со правото на ЕУ; капацитет и институционално градење; размена на информации.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK