Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова денеска во Брисел оствари билатерална средба со европскиот комесар за животна средина, океани и рибарство Вирџинијус Синкевичиус на која е потпишан Договор меѓу Европска Унија и Република Македонија за учество во Програмата на Унијата „Живот” (LIFE) за заштита на животната средина и климатски активности.
Како што соопштија од МЖСПП, Програмата LIFE е инструмент за финансирање на Европската Унија на акција за животна средина и клима, која има за цел да придонесе во имплементацијата, ажурирањето и развојот на политиката и законодавството на ЕУ за животната средина и клима преку кофинансирање проекти со европска додадена вредност. Таа поддржува проекти од областа природа и биодиверзитет, циркуларна економија и квалитет на живот, ублажување и адаптација на климатските промени и транзиција кон чиста енергија.
Со потпишувањето на Договорот за учество на Република Македонија во оваа Програма, како што кажала министерката Шукова на средбата, првпат ќе се обезбеди пристап до овие финансиски мехнанизми на ЕУ со што ќе се отворат нови можности за аплицирање за проекти и ќе се овозможи подобро општествено вклучување во имплементацијата на европските политики за управување со глобалните предизвици и имплементација на заедничките цели за поздрава и помалку загадена животна средина, подобро заштитена природа и биодиверзитет и декарбонизирана иднина.
-Во разговорот Шукова го информираше еврокомесарот Синкевичиус за тековната состојба со заштитата на животната средина во нашата држава. Таа нагласи дека како држава веќе ги делумно ги исполнуваме целите на програмата LIFE за промена кон одржлива, климатски отпорна економија, со поставување на националните среднорочни и долгорочни цели за декарбонизација, со посветеноста на реставрацијата на екосистемите и одржливо управување со природните вредности што се потврдува со зголемувањето на процентот на заштитени подрачја на нашата територија од 8,9% на 13,9 проценти во последните две години и заложбите да изградиме зелена економија од екосистемските услуги за кои имаме голем потенцијал, како и со воведување на директни мерки од европското законодавство за животната средина во политиката за економска реформа 2022-2024 година, поглавје за зелена агенда, што се однесуваат на третман на отпадни води и воспоставување интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад, се посочува во соопштението.
Според неа, еден од клучните предизвици во наредниот период ќе биде енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија, бидејќи е предвидвидено до 2025 година, уделот на обновливи извори на енергија во електрична енергија да биде 46 проценти. Мерките опишани како клучни за зелената транзиција вклучуваат: отворање платформа со цел да се вклучат сите засегнати страни во развивањето на циркуларната економија; подобрување на координацијата меѓу компаниите и централните власти и зајакнување на меѓусекторската соработка за активности на понатамошни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот; и подобрување на системот за третман на отпадни води преку зголемување на бројот на пречистителни станици.
За учество во Програмата, Владата преку МЖСПП ќе обезбеди соодветна финансиска контрибуција во вкупна вредност 1 327 990 евра распределени во пет години, од 2023 година до 2027 година, се посочува во соопштението од МЖСПП.