Нашата држава е посветена на усогласувањето на националното со европското законодавство во најкомплексното Поглавје 27- Животна средина и климатски промени, за кое што е одговорно Министерството за животна средина и просторно планирање и чија имплементација претставува посебен предизвик, изјави денеска министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова пред стартот на скринингот за Поглавјето 27 Животна средина и климатски промени.
– Во изминатиов период преземавме сериозни чекори за подобрување на состојбите речиси во сите области, особено во делот на управување со отпад и управување со води. Очекувам, покрај размена на информации за постигнатото, заеднички да ги идентификуваме предизвиците по области, особено во оние што побаруваат високи инвестициски вложувања и да обезбедиме силна поддршка и од европските институции, но и внатре од државата, бидејќи само со широка инклузивност и посветеност можеме да ја постигнеме зацртаната цел, истакна Шукова.
Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, билатералинот скрининг за Поглавје 27- Животна средина и климатски промени, што ќе трае од денеска до 7 јули, претставува еден од двата најдолги скрининзи. Во негови рамки пред Европската комисија преку 75 презентации ќе бидат претставени состојбите во областите хоризонтално законодавство, управување со отпад, квалитет на вода, природа, хемикалии, индустриско загадување и климатски промени.
Координатор на Поглавјето, кое едно од најкомплексните и воедно едно од најскапите, е МЖСПП за сите области, освен за делот за хемикалии за кој е одговорно Министерството за здравство. Покрај овие две министертсво во процесот за овој скрининг, меѓу останатите, се вклучени се и Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство, Управата хидрометеоролошки работи и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Според МЖСПП, поради комплексноста на поглавјето и поради високите инвестициски побарувања за нивна реализација се очекува одобрување на подолги транзициски периоди за имплементација, особено за директивите со високи инвестициски вложувања.
Министерката Шукова оцени дека освен предизвикот да се постигнат барањата на ЕУ преку усогласување на националното законодавство со европското и мудрото креирање политики што водат кон негова имплементација, државата и Министерството за животна средина и просторно планирање се соочува и со предизвикот за прифаќање на тие политики на сите нивоа во општеството и обезбедување соодветна структура на управување.
– Подготвени сме да го преземеме нашиот дел од одговорноста. Сметаме на вашето лидерство, размена на знаења и искуства за продолжување на нашата соработка за ова поглавје во духот на меѓусебна доверба, почит и заедничко разбирање за постигнување на нашата заедничка цел во заштитата на животната средина и постигнување на полноправното членство во европската заедница, порача Шукова од Брисел.
Според најавите од Европската комисија, министерката Шукова денеска ќе има средба и со еврокомесарот за животна средина, океани и рибарство Виргинијус Синкевичиус во рамки на стартот на преговорите за поврзување на Северна Македонија со Програмата на Унијата за животна средина и клима (ЛИФЕ).
Европската комисија преговори за поврзување со ЛИФЕ, денеска почнува со уште шест држави што не се членки на ЕУ и тоа Албанија, Андора, Фарските Острови, Израел, Молдавија и Турција. Како што информираат од Комисијата, приклучувањето кон Програмата ЛИФЕ ќе им помогне на седумте земји да развиваат иновативни еколошки и климатски техники, пристапи и најдобри практики кои придонесуваат за климатски неутрална, циркуларна и прилагодлива економија и кои ја штитат и обновуваат природата.