Во наредниот период, заедно со мрежата на основните училишта, со новата формула на финансирање на основното образование, ќе се предвиди оброк за ученици, најави министерот за образование и наука Јетон Шаќири, при денешната работна посета на Кавадарци.
Тој го посети основното општинско училиште „Димката Ангелов – Габерот”, едно од најстарите во кавадаречка општина. Во присуство на пратеничката Даниела Колева и градоначалникот Митко Јанчев, министерот изрази задоволство од посетата и соработката на централната и локалната власт, а се осврна и на други проекти за унапредување на воспитно-образовниот процес.
Се разговараше и за уште една поголема и сериозна инвестиција на Министерството за образование и наука и кавадаречката локална самоуправа, што следува, комплетна кровна реконструкција на училиштето „Тошо Велков – Пепето”.
Пратеничката Колева, како лице што доаѓа од образование и како член на Комисија за образование и наука во Собранието, се осврна на инвестициите што се од големо значење за образовниот процес. Ги спомена, меѓу другото и реконструкцијата на училишта, изградбата на спортски сали, воведувањето на образовни асистенти, дуалното образование. Таа додаде дека и понатаму ќе се продолжи да се работи и со Министерството и со локалната самоуправа, во интерес на сите.
– Се надевам дека на секој можен начин, понатаму ќе се унапредува образованието. Ние во Собранието имаме донесено стратегија 2017 – 2025 година. Важна е исто така и мотивацијата на наставниците, следен чекор се надевам ќе биде многу брзо, потпишување на нов колективен договор и на наставниците ќе може, после долги години чекање, да им се регулира целосно нивниот статус и да можат да добијат регрес за годишен одмор и сите други права, нагласи Колева, изразувајќи надеж дека брзо ќе биде донесен и законот за наставници и стручни соработници, со кој ќе можат да добиваат веднаш, со самото вработување, трансформација на неопределено време.
Колева и Јанчев изразија задоволство од посетата на министерот.
– Во соработка со министерот и Министерството, во последните три години се комплетно реновирани сите училишта, рече Јанчев, нагласувајќи дека веќе нема централно училиште, што не поседува спортска сала.
Градоначалникот потсети дека Општината, од сите претходни инвестиции на Министерството и Општината заедно со Министерството, како и заштедите на училиштата, воведе бесплатен оброк за секое дете од прво до петто одделение. Тој нагласи дека училиштата во кавадаречка општина се безбедни.