Нека продолжат со нивните барања, но нека не ги доведуваат во прашање процесите, апелираше министерот за образование и наука Јетон Шаќири во однос на штрајкот на синдикатот на Државниот испитен центар (ДИЦ) од кој зависи полагањето на државната матура на 27 мај и 10 јуни.
Од Хатка Смаиловиќ
13:07, 8 мај, 2023
Шаќири апелираше синдикатот на ДИЦ да не ја доведува во прашање државната матура
Скопје, 8 мај 2023 (МИА) – Нека продолжат со нивните барања, но нека не ги доведуваат во прашање процесите, апелираше министерот за образование и наука Јетон Шаќири во однос на штрајкот на синдикатот на Државниот испитен центар (ДИЦ) од кој зависи полагањето на државната матура на 27 мај и 10 јуни.
Тој апелираше вработените да го почекаат Општиот колективен договор кој, како што рече, можеби ќе биде подобар од сегашните услови што им ги нуди Министерството за финансии.
Шаќири притоа посочи дека дел од вработените се вклучиле при полагањето на испитите за директори, кои се во надлежност на ДИЦ, и тие биле во законски рок.
-Истото би го побарал од истите тие вработени. Со Министерството за финансии да се најде начин за нов колективен договор, но истовремено очекуваме што побрзо да се потпише и Општиот колективен договор кој веќе е најавен и за другите сектори. Во момент кога дискутираме, тоа да не го поврзуваме со датумот на државната матура, рече министерот за образование и наука одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на конференцијата за италијански јазик во Ректоратот на УКИМ.
По неговата изјава, синдикатот на ДИЦ на прес-конференција соопшти дека го продолжува штрајкот и побара од министерот да го измени календарот за полагање на државната матура затоа што нема да стигнат да ги завршат обврските до 27 мај кога е тестирањето по првиот екстерен испит.