Утре почнува асфалтирање на патот Демир Капија – село Клисура, дел од една од најстарите делници во државата, делницата од Демир Капија до село Давидово, информираше денеска демиркапискиот градоначалник Лазар Петров. Градоначалникот соопшти дека од утре, овој патен правец ќе биде затворен за движење на сите моторни возила, се до негово завршување. Забраната за движење важи за секој работен ден, освен недела, во периодот од 10 до 16 часот.
Надградбата и поправката на делницата Демир Капија – Давидово стартуваа на 12 јуни, кога на терен беа и премиерот Димитар Ковачевски, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, директорите на Јавното претпријатие за државни патишта и ЈП ,,Македонија пат” Ејуп Рустеми и Костадин Ацевски.
Беше кажано дека со надградбата и поправката на оваа сообраќајна делница, локалните жители, како и другите што го користат, ќе добијат современ пат што ќе го унапреди секојдневието на граѓаните од овој дел од централниот регион во државата. Ќе се овозможи посигурно и побрзо движење и на луѓето, со надеж за поголем развој на локалната економија. Вкупната вредност на надградбата и поправката на овој пат изнесува 25 милиони денари.
Во моментов, се одвиваат активности на делот до селото Клисура, при што досега се работеше на тампонирање во широчина од пет метри, а отсега на асфалтирање во широчина од четири метри, на патот со вкупна должина од 2.550 метри. Беше кажано дека многу наскоро овде ќе има квалитетен и модерен пат.
Премиерот тогаш рече дека Владата на Република Македонија продолжува со несмалено темпо да инвестира и да се грижи за изградба на модерна регионална и национална патна мрежа со која поврзува градови, региони, а се поврзува и државата со соседните држави и со светот.
– Ова е практично изградба на нов пат од Демир Капија до Давидово, со што овозможуваме реконструкција и надградба на патното поврзување на овој дел од државата и негово вмрежување со околните населени места. Овој пат на кој се наоѓаме денес беше долгогодишна потреба и желба на граѓаните на Демир Капија, но и на населените места Клисура, Давидово и со ова што го правиме денес, државата практично покажа дека тоа што не може општините сами да го направат, државата е тука и Владата да го направат, нагласи премиерот.
Тој додаде дека реконструкцијата на овој регионален пат е од голема важност за развој на туризмот во нашиот јужен дел на државата, но и за земјоделците од овие области, на кои ќе им се олесни движењето и ќе се овозможи непречено функционирање во извршувањето на нивните секојдневни работи. Но, додаде, овој пат ќе отвори перспективи и за заживување на целиот регион и отворање на нови можности за развивање на бизнис иницијативи како за домашни, така и за странски инвеститори.
– Бидејќи најважниот услов за секој инвеститор е постоењето на модерна и безбедна патна инфраструктура, нагласи Ковачевски тогаш.
Задоволство од реализацијата на проектот изрази и градоначалникот на Демир Капија, Лазар Петров. Тој посочи дека оваа делница како една од најстарите во државата, од 1916 година, е од огромно значење за развој на туризмот и земјоделството.