Пендаровски: Како држава препознаени сме во однос на заштитата на националните малцинства

pendarovski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Собранието се обрати на свечената седница на Комитетот за односи меѓу заедниците, што се одржа по повод одбележувањето на 25 години од стапувањето на сила на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа.

Пендаровски, како што информира неговиот Кабинет, потсети дека Комитетот на министрите на Советот на Европа на 10 ноември 1994 година ја усвои оваа Рамковна конвенција и може само, како што рече, да се гордееме со фактот што нашата држава беше меѓу првите што ја ратификуваше, со закон во македонското Собрание, прогласен на 27 февруари 1997 година.


– Со тоа се приклучивме во редот на државите чија примарна цел е заштита и развој на правата и слободите на човекот, но, кои при тоа се решени да го заштитуваат и постоењето на националните малцинства на нивните територии и да го подобруваат нивниот статус. На овој начин и правно се обврзавме да ја почитуваме Конвенцијата која ја создаде обврската дека заштитата на националните малцинства е од суштинско значење за стабилноста, демократската сигурност и мирот на континентот. Секое плурално и вистински демократско општество мора, не само да го почитува етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на секој припадник на национално малцинство, туку и да создава услови за изразување, сочувување и развој на тој идентитет, нагласи Пендаровски.

Се обврзавме и правно бидејќи, како што рече, и пред тоа во различните идеолошки и државни системи имавме долга и респектабилна традиција на почитување на различноста, која нашите луѓе ја одржуваа верувајќи во меѓусебната почит и разбирањето со другите, како и преку придржување кон принципите на добрососедство и соработка меѓу државите.

– Денес, не само како земја – потписник на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, туку и со нашиот Устав како највисок правен акт, ние сме обврзани целосно да ги почитуваме правата на етничките заедници меѓу кои се најважни – правото слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот етнички, културен, јазичен и верски идентитет и национални особености, правото да основаат културни и уметнички институции и правото на настава на својот јазик во сите степени на образованието, потенцира Пендаровски.

Според претседателот, водејќи се од овие принципи и определби, во изминативе 20-тина години, и покрај многуте политички и економски предизвици со кои се соочувавме и сè уште се соочуваме, секогаш сме посветувале должно внимание и ресурси за заштита на човековите права и слободи. Истовремено и на правата на припадниците на заедниците и во овој домен, како што нагласи, не е нескромно ако кажам, имаме направено огромен исчекор.

– Последниот извештај на Советот на Европа, дава детален и реален приказ на состојбата во Република Северна Македонија. Во него јасно се нотира дека е постигнат значителен напредок во правната заштита на правата на лицата кои припаѓаат на националните малцинства, особено на полето на антидискриминацијата. Исто така, констатиран е голем напредок и во употреба на албанскиот јазик во државата, додека, пак, на политичко ниво, стратегијата „Едно општество за сите“ во голема мерка придонесе за инклузивниот профил и пристап на културните политики и јакнење на меѓукултурниот дијалог, изјави претседателот Пендаровски.

Според шефот на државата, при тоа е јасно дека сепак останува извесен јаз меѓу законите и практичната примена на законодавството и политиките за националните малцинства.

– Така на пример, имаме солидна правна рамка за борба против говорот на омраза, но нејзината примена е незадоволителна. Затоа и говорот на омраза, особено во интернет просторот, и во овој извештај, е посочен како посебен предизвик. Понатаму, со новиот Закон за спречување и заштита од дискриминацијата во голема мера е подобрена правната заштита, но од друга страна, на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и на Народниот правобранител им недостасуваат ресурси за да можат самостојно и ефективно да ги исполнуваат своите задачи во целост одговарајќи на барањата на граѓаните, рече Пендаровски.

Во однос на ромската етничка заедница, недостигот на документација, како што рече, продолжува да биде главна пречка за остварување на нивните права, а многу работа ја чека државата и во областа на нивното образование, пристапот до здравствени услуги и вработувањето.

– Сепак, и покрај сите нотирани проблеми во оваа област, чесно е да кажеме дека Северна Македонија како држава е високо признаена и препознаена не само во нашиот регион, туку и во Европа, во однос на заштитата на националните малцинства. Се разбира, за ова ниво на реално остварени резултати да го задржиме и подобриме во иднина, мораме да продолжиме со ефикасно спроведување на стандардите на Советот на Европа и исполнување на сите негови препораки за итно дејствување, затоа што доаѓаат од една навистина независна и непристрасна институција со висока репутација, порача Пендаровски.

Шефот на државата изрази благодарност до Советот на Европа за одржувањето на конструктивен дијалог со македонските власти сите овие години и за нивната поддршка и посветеност во заедничките напори со цел, како што рече, натамошно унапредување на состојбата во областа на заштитата на човековите права.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK