Објавен јавен повик за поднесување барања за поддршка на развојот на земјоделските задруги

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска го објави јавниот повик од новата Програма за поддршка на развојот на земјоделските задруги за 2023 година.

Ова е нова програма, која прв пат е донесена оваа година и со нејзиното спроведување се очекува системско подобрување на работењето на земјоделските задругите и развој на задругарскиот сектор со зголемување на нивната пазарна конкурентност.


Како што соопштија од МЗШВ, ова ќе придонесе земјоделските задругите да си го најдат своето место во секторот. Ќе се создадат силни задруги кои ќе бидат пример за добра пракса кај нас, а со тоа ќе се поттикне интересот на земјоделците за нивно зачленување во земјоделските задругите.

На јавниот повик право на учество имаат земјоделските задруги кои се запишани во Регистарот на земјоделски задруги во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

– Висината на финансиската поддршка согласно Програмата за поддршка на развојот на земјоделските задруги за 2023 година изнесува најмногу до 700.000,00 денари по корисник со вклучен ДДВ за трошоци за набавка на механизација и опрема за инвестиции за примарно земјоделско производство и најмногу до 1.500.000,00 денари по корисник со вклучен ДДВ за трошоци за набавка на опрема, маркетинг услуги и услуги за достигнување на стандарди за инвестиции за преработка на земјоделски производи, појаснуваат од МЗШВ.

Доделувањето на неповратна финансиска поддршка се врши врз основа на следните критериуми кои се бодуваат според број на вработени во земјоделската задруга; број на членови во земјоделската задруга; имот (земјиште) или пчелни семејства кои ги користат членовите на земјоделската задруга; поседување на недвижни и/или подвижни ствари или договор за закуп на недвижни и/или подвижни ствари поврзани со реализација на бараните проектни активности; вкупен приход на земјоделската задруга од Билансот на успех за 2022 година; број на планирани нови работни места утврдени од деловниот план поврзани со потребата од бараните проектни активности; учество на жени и млади земјоделци во вкупниот број на членови на земјоделската задруга; млад земјоделц до 40 години; жена земјоделка и земјоделски задруги со седиште во рурални средини лоцирани во “Планински” области (над 700 м).

Најголем број на бодови што може да ги добие земјоделската задруга, се подвлекува, изнесува 100 бода.

Еден корисник може да поднесе само едно барање за доделување на финансиска поддршка согласно овој јавен повик и Програмата.

Крајниот рок за поднесување на барањата е заклучно со 17 јуни 2023 година.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK