Заменик-министерот за финансии Филип Николоски учествува на Годишното собрание на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) што се одржува во Самарканд, Узбекистан.
Во обраќањето, Николоски посочил дека Владата континуирано спроведува структурни реформи и политики, насочени кон одржување на растот во време на кризи, но и на негово забрзување на среден и долг рок.
– Во време кога нашата економија, како и другите економии ширум светот, се соочува со големи предизвици, остануваме целосно посветени кон поттикнување на инвестициите во областите за одржлив развој, како што се зелената транзиција, дигитализацијата, инфраструктурните проекти, човечкиот капитал и слично, а во остварување на тие приоритети значајна е поддршката што ја добиваме од ЕБОР, која очекуваме да продолжи и во наредниот период, истакнал Николоски.
Во овој момент на глобалната економија, рекол Николоски, требаат здрави домашни политики во комбинација со цврста посветеност на меѓународната соработка за да се создаде поотпорна глобална економија со одржлив и поинклузивен раст.
Николоски ја истакнал важноста од продолжување на поддршката што ЕБОР ја дава на најпогодените земји, во период кога во глобални рамки светот се соочува со предизвици кои произлегоа од пандемијата со Ковид -19, енергетската и ценовната криза и конфликтот во Украина, како и постепеното проширување во регионот на субсахарските земји.
Од 1993 година со финансиска поддршка од 2,5 милијарди евра во 173 проекти, ЕБОР придонесува за зголемување на конкурентноста на македонската економија, поврзувањето со регионот и зелената транзиција.
Годишните средби и Бизнис форумот на ЕБОР годинава се одржуваат од 16 до 18 мај со фокус како да им се помогне на економиите да одговорат на тековните геополитички предизвици. Општата тема на Бизнис форумот е инвестирањето во издржливост (Investing in Resilience), а учествуваат владини претставници, финансиски и корпоративни директори, претприемачи, претставници од граѓанското општество и меѓународните организации.
Во рамки на Годишните средби, заменик минстерот ќе отвари средба со Каспар Велдкамп, директор на ЕБОР за Холандија, Кина, Монголија, Северна Македонија и Ерменија.