Уставните измени, евроинтеграциите и поддршката на Соединетите Американски Држави на тој план, како и процесот на реформирање на нашето општество, беа теми на средбата на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во Вашингтон со Габриел Ескобар, американскиот специјален претставник за Западен Балкан и заменик помошник државен секретар за Европа и Евро-Азија.
Како што соопшти СЕП, Маричиќ ја искористи средбата за да го информира Ескобар за текот на преговорите со ЕУ, за активностите со кои во моментов ги дефинирање областите во кои можеме да се вклучиме пред членство во ЕУ, посочувајќи дека Владата ќе продолжи со офанзивна политика кога станува збор за интегрирањето на државата во ЕУ, за задржување на динамиката на преговорите и брз напредок во процесот.
-Пораката на специјалниот претставник за Западен Балкан и заменик помошник државен секретар за Европа и Евро-Азија, Ескобар е да ја задржиме амбицијата за членство во ЕУ, со укажување дека за успех е потребен политички консензус и продолжување со спроведување на бараните реформи во наредните месеци, се наведува во соопштението.
На средбата, се додава, беше потврдено дека ова е добар момент за цел Западен Балкан, особено за Северна Македонија која ги исполнува условите и веќе преговара со ЕУ, да потврди дека е сериозна кандидатка за членство во Унијата и да направи брз исчекор, со кој ќе ја потврди својата позицијата во новиот пакет на проширување на ЕУ.
Маричиќ и Ескобар се согласија дека можеме да успееме и дека имаме целосна поддршка од САД во тоа. Во тој контекст вицепремиерот Маричиќ се заблагодари на Ескобар за децениската поддршка која САД ја дава на Северна Македонија и што останува наша силна политичка и економска помош во реализацијата на нашата стратешка определба.
Со оваа средба вицепремиерот Маричиќ ја завршува официјалната посета на Вашингтон, во чии рамки имаше можност да се сретне со високи претставници на Стејт Департментот и да разговара за процесот на обединување на ЕУ со Западен Балкан и унапредувањето на билатералните односи на сите нивоа, стои во соопштението.