Ковачевски: Во 2024. година достигнуваме два отсто од БПД за одбраната, односно 304 милиони евра

kovacevski-nato
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Македонија согласно среднорочната буџетска проекција следната година ќе го достигне нивото од два отсто од БДП за одбраната, согласно заложбата на земјите-членки на НАТО во Вилнус отсега два отсто да биде минимумот на издвоените средства, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција во главниот град на Литванија.







Како што јави специјалниот известувач на МИА од Вилнус, 11 земји-членки веќе го достигнале овој процент, некои од нив го надминале, а на прашањето на МИА дали имаме буџет за оваа цел и евентуално можност за надминување на тие два отсто, Ковачевски истакна дека во среднорочната рамка е предвидено во 2024 година да се издвојат 304 милиони евра.

Во моментов, Македонија издвојува 1,85 отсто од БДП за одбраната, односно, како што посочи премиерот, вкупно 274 милиони евра.

-Новите инвестиции ќе помогнат во јакнење на нашите капацитети за одбраната, справување со тероризмот, со растечките кибер и хибридни закани, како и со злоупотребите на новите технологии, изјави премиерот.

Во однос на модернизацијата и препораката на неа да се одвојуваат 20 отсто од буџетот, Ковачевски истакна дека во моментот Македонија издвојува од 30 до 33 отсто.

-Тоа значи нова воена опрема, која што се набавува исклучиво од САД, Франција, Германија, дел од Турција, значи од земји членки на НАТО, која што е најсовремена и која ја користат и другите армии. Истовремено тука спаѓаат и инвестициите во обновувањето, реконструкцијата на објектите во кои што работат и во коишто престојуваат припадниците на Армијата и секако зголемувањето на личните доходи на припадниците на Армијата, кои што во текот на изминатите години откако посебно станавме членка на  НАТО навистина се на високо ниво, рече премиерот.

Истакна дека дел од членките имаат поголеми издвојувања од минималните два отсто, но додаде дека тоа зависи често пати и од структурата на БДП и од воените сили со коишто располага секоја од државите.

-Има држави коишто се многу поразвиени од нас, коишто имаат поголемо учество на трошоците, односно на инвестициите за одбраната, меѓутоа има и држави кои се повеќе развиени и имаат помалку во однос на БДП како процент издвојување за инвестиции во одбраната, меѓутоа како апсолутен износ се работи за многу поголема сума со оглед на структурата на БДП и големината на буџетот. Сепак ние сме во рамки на она што е проектирано и она што е како миниум заложба од денеска, односно од вчера на НАТО Алијансата, истакна Ковачевски.

Тој ги сумираше случувањата на дводневниот Самит, кој го оцени како успешен и на кој меѓу другото оствари две билатерални средби на маргините, со естонската премиерка Калас и со грчкиот премиер Мицотакис, како и бројни неформални средби со претседатели и премиери од земјите-членки на НАТО.

-Покрај суштинските дискусии имавме интензивна агенда на состаноци со лидерите на НАТО земјите членки, но и со лидерите на ЕУ, Украина и блиските партнери од Индо-Пацификот, Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Јужна Кореја. Како лидери на НАТО земји членки, донесовме суштински одлуки со кои ќе се зајкне колективната одбрана и безбедноста на сите наши граѓани, изјави премиерот.

Потсети дека беа усвоени регионални планови за колективна одбрана и брз одговор на заканите преку копно, вода и воздух, напоменувајќи дека станува збор за генерациска трансформација што долгорочно ќе го зајакне НАТО.

Ковачевски нагласи дека на Самитот е донесена одлука за продолжување на недвосмислената и силна поддршка за Украина.

-Како држава имаме многу јасна позиција и Македонија секогаш ќе го поддржува правото на самоодбрана и заштита на независноста суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Ние сме понова земја членка на НАТО и како таква сме силни поддржувачи на политиката на отворени врати, благодарение на која и станавме и земја членка, а НАТО веќе има донесено одлука во 2008 годна дека Украина треба да стане полноправна членка, рече Ковачевски.

Го спомена и Советот НАТО – Украина, кој беше конституиран на овој Самит и кој е дел од пакетот мерки за приближување на Украина кон НАТО. Истакна дека беше објавена и заедничката декларација на Г-7 за Украина, која, како што рече „ја поздравуваме и поддржуваме и која во иднина ќе биде корисна рамка за нашата поддршка на Украина“.

Во однос на тоа како Македонија би ја поддржала Украина, нагласи дека земјава го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и е држава која обезбеди воена и невоена помош за Киев.

-Досега испративме неколку пакети помош во Украина, коишто беа реализирани заедно со земјите партнери од НАТО Алијансата и во иднина се она што може да биде согласно со средствата со коишто располага Министерстворо за одбрана и што ќе биде нормално хармонизирано и со другите стратешки партнери, ќе биде овозможено да биде доставено до граѓаните и до Владата на Украина, рече Ковачевски, нагласувајќи дека во мометнов не може точно да каже за какви средства станува збор.

Ковачевски нагласи дека на Самитот било истакнато и суштинско значење и блиската соработка помеѓу НАТО и ЕУ.

-Во моите изјави деновиве, меѓутоа и во изјавите на претставниците на државите од Западен Балкан, напоменав дека соработката НАТО-ЕУ суштински влијае на одржувањето на безбедноста и стабилноста на забрзувањето на  евроинтеграциските процеси во регионот.  Македонија како НАТО членка со започнати преговори за членство со ЕУ неспорно делува како фактор на стабилност на Западен Балкан, истакна премиерот и додаде дека токму затоа активно работат и се целосно посветени на остварувањето на втората стратешка цел – полноправно членство во ЕУ.

Ковачевски рече дека двете стратешки цели, НАТО и ЕУ, барале храбри, визионерски и државнички одлуки, а граѓаните, како што рече, не заслужуваат ништо помалку од таа визија без политички калкулации.

Нагласи дека и поддршката што земјите членки на НАТО ја даваат на регионот е токму во насока на зачленување на нашата и на другите земји од регионот во ЕУ.

-Тоа во превод значи дека секое кочење кое е политичко, пред се кое го прави опозицијата во нашата држава, тука најмногу мислам на ВМРО-ДПМНЕ и во однос на блокадите на реформите и во однос на несоработката за одлуката за уставните амандмани, е директно и активно работење против зачленувањето во ЕУ, а со тоа и против НАТО и стабилноста и  безбедноста на регионот. Ова е јасно за сите тука и за нашите НАТО сојузници и за партнерите во НАТО односно ЕУ кои денеска тука се со нас, изјави Ковачевски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK