Ковачевски: Oбезбедивме помош за компаниите и ги задржавме работните места

kovachevski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Компанијата „Еврос комерц“ од Старо Нагоричане со државна помош од над 56 илјади евра набавила висококвалитетна машина за виткање и лепење на кутии за фармацевтската индустрија и изградила нов производствен погон.

– Кога имаш визија, кога имаш верба во успех, успехот на крајот е неминовен. Визијата на компанијата „Еврос комерц“ која денеска ја посетуваме во мојот роден крај и по 30 години постоење од оваа компанија е жива, рече премиерот Димитар Ковачевски за време на посетата на компанијата.


Верувајќи во мотото „добро спакуван производ е добро продаден производ“, Еврос Комерц денес, како што посочи премиерот, се истакнува како пример во полето на осмислување и реализација на иновативни решенија за пакување на брендови за нашите најреномирани компании.

-Од мал субјект во 1993 година, оваа компанија денес брои 37 вработени и се специјализираше во производство на фина картонска амбалажа и пакување на производи од фармацевтската, автомобилската, кондиторската, чевларската и другите индустрии, рече Ковачевски.

Овде, како што додаде тој, има машини кои на просторите на поранешна Југославија ги има само во Словенија.

-„Еврос Комерц“ е само една од стотиците компании кои во изминатиот период ги помогнавме преку конкретни мерки за одржливост и што подобро справување со финансиската и енергетска криза, меѓутоа и за поттикнување на нивниот инвестициски развој, посочи Ковачевски.

Потсети дека во 2018 година беше инициран Законот за финансиска поддршка на инвестициите со цел да се обезбеди поддршка и за домашните компании. Во текот на 2022 година, по основ на овој закон, обезбедени се 23 милиони евра директна финансиска помош за 410 компании.

– Толку висок износ на финансиски средства наменети за компаниите никогаш претходно од основањето на државата не бил направен, рече Ковачевски.

Премиерот меѓу другото потсети и дека во време на кризата биле обезбедени 760 милиони евра за антикризни мерки.

-Денес имаме 8 отсто намалување на невработеноста и 9,5 проценти зголемување на вработеноста, највисоко ниво на просечна плата, веќе е над 36000 денари по вработен, што е најголем најдобар показател за економскиот раст и развој. Секоја компанија е делче од мозаикот на домашниот пазар, а сите заедно се сликата за европска Северна Македонија.  Преку професионализмот, стручноста и посветеноста на нашите компании се издигнуваме над границите на нашата земја и стануваме препознатливи во светот, рече Ковачевски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK