Ковачевски: ЕУ треба да има јасна стратегија за интегрирање на преостанатиот дел од Балканот

kovacevski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Не постои држава која што требала да донесе потешки и помачни одлуки од нас. Северна Македонија го промени името за да стане членка на НАТО и членка на ЕУ. И кога се заврши со референдумот, кога Собранието изгласа, НАТО испорача, а ЕУ не, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на панелот на темата „Отворени патишта: Балканот се враќа во игра“ во рамки Глобалниот безбедносен форум Глобесек 2023 во Братислава,

– Тоа се факти. Затоа што таму измислија некакво вето поради владеењето на правото и некои други работи. Нашата независност како земја ја почнавме пред 32 години како дел од поранешна поголема земја. Градевме институции, создававме институции од ништо. Почнавме од нула. Голем дел од овие институции се изградени заедно со земјите од ЕУ и со поддршката на САД. Тие навистина имаат високи институционални способности, истакна Ковачевски.


Според него, како што јави специјалниот известувач на МИА од Братислава, кога зборуваме за интегритетот, за владеењето на право и демократија, како да се забораваат критериумите за членство од Копенхаген.

– Дали сметате дека сите земји коишто се приклучиле кон ЕУ биле на нивото на Франција, Германија и Шведска? Не би се согласил. Можам дури и да кажам дека интегритетот на македонското Собрание во поглед на поплаки, во поглед на антикорупција, е многу повисок од оној на Европскиот парламент, потенцира премиерот Ковачевски.

Тој потсети дека земјава спроведе тешки реформи и затоа ЕУ, а пред се Европскиот совет, треба да има јасна стратегија за интеграција на преостанатиот дел од Балканот што не е дел од Унијата.

Според Ковачевски, овогодишниот глобален безбедносен форум во Братислава се одржува во време кога Европа, а исто така и Балканот, се соочуваат со многу предизвици и затоа е важно да се создадат услови за соработка и поттикнување на економскиот раст на државите во регионот.

Премиерот при тоа ја истакна улогата на Европската Унија за економски просперитет на Западен Балкан и изнаоѓање начини за меѓународните партнерства, порачувајќи дека е понекогаш е добро наместо да се стигматизира Балканот, да се слушнат размислувања и на земјите од Југоисточна Европа кога станува збор за  прашања кои се во интерес на ЕУ.

– Секогаш е добро да слушнеме различни мислења и да извадиме заеднички заклучок, потенцира Ковачевски.

Осврнувајќи се на прашањето на панелистот за јазот помеѓу земјите од Балканот членки на ЕУ, Ковачевски истакна дека тој се зголемува во економска смисла и тоа не може никако да биде добро, па затоа поддршката од европските фондови е клучна за развојот на балканските земји, а членството во ЕУ е единствениот пат за нивен напредок.

– Кога јазот се зголемува тоа значи дека нивото на образование се намалува, инфраструктурниот јаз се зголемува, транспортниот јаз се зголемува. Имаме зголемување и на јазот во ефикасноста на институциите, додаде Ковачевски.

Во однос на констатацијата на панелистот дали сегашниот пристап на Унијата е вистинскиот начин и дали тој е замена за проширувањето, премиерот истакна дека ЕУ по војната во Украина ја сфати стратешката грешка што ја направи пред неколку години кога беше наметнато вето на европскиот пат на Северна Македонија и на Албанија.

– Знаете, кога ќе направите стратешка грешка не можете да ја решите за пет минути затоа што стратешките грешки имаат свој ефект во период од пет до 10 години најмалку и затоа мислам и знам дека претседателката на Европската комисија е голем пријател на нашите земји, а и личен пријател којшто ни помогна во најпредизвикувачките времиња минатата година и годината претходно, затоа што неколку години веќе работиме во ситуација на криза – со пандемијата, војната, енергетската криза, економската криза и помошта што ја добивме беше ајде да речеме потребна, нужна во тоа време, рече Ковачевски.

Тој потенцира дека паралелно со поддршката од ЕУ, земјите од регионот работат заедно со цел да се реши кризата и со заедничките напори минатата зима ја поминале подобро отколку што се надевале.

Според него, земјите од Источна Европа членки на ЕУ, се економски силни затоа што станаа дел од Унијата, додека во времето на поранешна Југославија стандардот на таа држава бил 10 пати поголем од оној на Словачка, Полска, Унгарија, Бугарија и Романија заедно.

– Тие се подобрија економски, само поради една причина. Затоа што станаа членки на ЕУ. Патот за напредување за Западен Балкан е членство во ЕУ. Дали ќе дојде тоа одеднаш или секторски тоа е само начинот на којшто ќе се спроведува, додаде Ковачевски.

Тој истакна дека во моментов во Европа имаме неколку кризи со коишто треба да се справиме, како војната во Украина, која што има исклучително негативен ефект на инфлацијата, недостиг на енергетски извори и ја наметна потребата за финансирање на новата инфраструктура.

– Војната во Украина создаде два парадокса и никој не зборува за тие два парадокса. Знаете, следната зима еве ја, тука е на прагот за неколку месеци. Инфраструктурата која што беше градена со децении од Исток кон Запад, Северен тек 1 и 2, Дружба тие практично се нефункционални. Економиите на Западна Европа практично се изградени на евтин руски гас, што сега не постои во оние количества што им се потребни. Тоа е парадоксот број 1. Тие веќе не постојат. Парадоксот број 2 е дека Русија сега ќе треба да гради инфраструктура кон Исток затоа што ја нема да продава на Кина, на Индија, кому и да планираат да продаваат, истакна Ковачевски.

Во таква ситуација, според него, Европа ќе треба да финансираме нова инфраструктура од Југ кон Север.

– Како ЕУ планира да ја обезбеди оваа инфраструктура, тука зборувам за терминали за гас, дел од нив ќе бидат во Албанија. Зборувам за гасоводи, тука зборувам и за сирова нафта, за нафтени деривати – сите тие ќе минуваат низ Северна Македонија и низ Србија. Овој дел мора да биде дел од ЕУ, истакна Ковачевски во обраќањето на панелот, на кој учествуваше и албанскиот премиер Еди Рама.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK