Иницијативите и процесите кои ги спроведува Кабинетот за политики за добро владеење во насока на јакнење на интегритетот, транспарентноста и отчетноста во институциите беа презенитрани денеска во Брисел од страна на заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на средбата со генералниот директор на OLAF – Европската канцеларија за борба против измами, Виле Итала, и членови на неговиот тим.
Како што пренесуваат од Владата на Република Северна Македонија, на средбата таа нагласила дека ги цени средствата на даночните обврзници на Европската Унија кои се вложуваат во нашата земја и дека тие мора да се користат соодветно на намената.
– Во таа насока, таа посочи дека треба треба да се обрне внимание и да се избегне преклопување на проектите финансирани од ЕУ, но и од други донатори, пренесуваат од Владата.
Домаќините од OLAF, како што дополнуваат, истакнале дека имаат многу добра соработка со надлежните институции од Северна Македонија, особено со Одделението за координација на борба против измама на ЕУ средствата (АФКОС) во рамките на Министерство за финансии, како нивна контакт точка за соработка.
– Информирајќи за тековните и претстојните активности на ова поле, тие изразија подготвеност за понатамошна размена на искуства и експертиза и нагласија дека е значајно да се одржи добрата соработка со OLAF низ целиот преговарачки процес, дополнуваат оттаму.