Спроведувањето на утврдените структурни реформи од страна на Владата, поддржани од ЕУ, преку ИПА фондовите и Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан се основа за одржување на економската отпорност и поттикнување инклузивен раст. Значајна улога во тоа ќе одиграат забрзувањето на зелената и дигитална транзиција, спроведувањето на реформите во образованието, подобрувањето на конкурентноста на домашните компании, намалувањето на неформалната економија, како и отворањето нови работни места. Ова се дел од препораките од заедничките заклучоци од Економскиот и финансиски дијалог меѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција, што се одржа денеска во Брисел, а на кој учествуваше министерот за финансии Фатмир Бесими.
– Се соочуваме со нова реалност диктирана од неколку последователни кризи кои бараат имплементација на соодветни и ефикасни политики, од кои повеќето бараат брза реакција, а истовремено заштита на јавните финансии. Во такви услови, кога имаме забавување на економскиот раст, главниот фокус на владините политики, покрај справувањето со високата инфлација, е насочен кон поддршка на инвестициите потребни за одржување на позитивна стапка на раст на краток рок и неговото забрзување на среден рок, како и на спроведување на структурните реформи, истакнал Бесими.
Потенцирал дека со цел да се заштитат јавните финансии и да се остави поголем фискален простор за капитални инвестиции, се работи на фискална консолидација и мерки за зголемување на приходите преку концептот на даночна реформа, намалување на неформалната економија и слично.
– Спроведувањето на препораките ќе даде свој придонес во градење на економија поотпорна на шокови и кон забрзување на растот на среден рок, кој се очекува да постигне просечна стапка на раст од 4 проценти во периодот 2024-2028 година. Значајно е земјата да продолжи со фискалната консолидација. Во 2022 година буџетскиот дефицит беше помал од планираниот и покрај големата енергетска поддршка, а во 2025 година е проектиран на 2,9 проценти од БДП, велат од Министерството за финансии.
Дополнителен напредок, додаваат оттаму, се очекува во наредниот период преку спроведување на најавената даночна реформа и поставените фискални правила од новиот Закон за буџети.
– Инфлацијата, која е резултат на глобалните фактори, се намалува. Монетарната политика е соодветно затегната и треба да продолжи будно да се следи состојбата и да се зачува стабилноста на цените. Насоките исто така се да се продолжи со реформите во образованието и активните политики за подобрување на вклученоста на пазарот на трудот. Ризиците се уште се поврзани со неизвесноста од војната во Украина, цените на енергијата и храната, како и условите на глобалниот финансиски пазар. Во таа насока поддршката за ранливите категории граѓани и фирми треба да продолжи доколку е потребно и да биде насочена. За поддршка на реформите и справување со предизвиците, ЕУ предложи 100 милиони евра макрофинансиска помош за покривање на потребите за финансирање на земјата, наведуваат од МФ.
На годишниот Економски и финансиски дијалог во Брисел присуствуваа претставници на земјите-членки на ЕУ, Западен Балкан и Турција, Европската комисија и Европската централна банка, како и претставници на централните банки на Западен Балкан и Турција.
Учесниците се согласиле дека дијалогот треба да игра централна улога во утврдувањето заеднички насоки за политика за поддршка на одржливо среднорочно економско закрепнување и да помогне во исполнувањето на економските критериуми за пристапување во ЕУ. Тие ја изразиле својата посветеност во дијалогот и ги охрабриле земјите од Западен Балкан и Турција да ги спроведат политиките и реформите што се заеднички утврдени.