Денеска, во чест на 24 Мај – Ден на словенските просветители Кирил и Методиј беа доделени награди и признанија на најдобрите ученици – првенци на генерација од основните и средните училишта во Куманово и Старо Нагоричане за учебната 2022/2023 година.
На настанот свое обраќање имаше градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски којшто упати благодарност на сите наставници, професори и професорки за целиот вложен труд во едукацијата на учениците.
Во продолжение го пренесуваме неговото обраќање во целост:
„Голема чест за Куманово е вака репрезентативно да ги види своите првенци, а уште поголемо е моето лично задоволство и да ви врачиме скромна награда и признание за резултатот којшто го имате постигнато во текот на вашиот воспитно-образовен процес.
Вештините со кои секојдневно се стекнувате се нешто што за вас и сега и во иднина ќе значи најголемото оружје за освојување на нови полиња, стекнување на нови знаења, а токму знаењето е сила и тоа дава дополнителна самодоверба да се движите низ патот којшто ве очекува понатаму.
Во мое лично име, во име на сите граѓани на општина Куманово најпрво сакам да се заблагодарам на сите ваши наставници, професори, професорки, коишто се вложиле во вас.
Воедно сакам да се заблагодарам на сите вас и да ве поттикнам да продолжите да креирате нови резултати кои се ваши, но исто така и наши, градски, бидејќи достоинствено го претставувате и ќе продолжите да го претставувате нашиот град каде и да сте.
Ви посакувам успех на сите полиња, во понатамошниот процес на воспитно-образување на вас и секако сите генерации на ваши соученици, бидејќи верувам дека многумина од вас веќе размислуваат што понатаму.
Јас тука гледам идни советници, идни градоначалници, градоначалнички, идни општествени работници без кои нашето општество и нашата држава не може да продолжи да функционира и да создава нови резултати во успесите. Вие сте токму таа генерација на млади луѓе коишто треба да ја наследи оваа држава и да ја турка во нејзиниот прогрес понатаму.
Заедно продолжете на тој пат, работете индивидуално, но секогаш организирајте се тимски, бидејќи тимската работа секогаш носи повисоки резултати. Поставете ги своите животни цели и стремете се истите да ги постигнете. Уште еднаш, искрени честитки од срце до сите вас и секако благодарност за целиот труд којшто беше вложен од страна на сите. Нека е со среќа!“, изјави Димитриевски.
На првенците на генерација како најзаслужни ученици им беа доделени признанија, монети со позлата и ваучери. Овој настан е во организација на Здружението на просветни работници – Куманово и Општина Куманово преку Секторот за образование, којшто збогатен со културно-уметничка програма.