Битиќи: Работниците мора да имаат достоинствени плати

bitiki
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Одлевањето на работници од земјава е последица на погрешните политики што се воделе во минатото, смета вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и порачува дека сите работодавачи треба да сфатат оти мора достоинствено да ги плаќаат работниците за да ги задржат на работните места.

-Сметам дека конзистентни политики даваат резултати. Кога имате период на привлекување странски инвестиции во кој работната сила се продава како евтина работна сила последицата на такви погрешни политики е денешната состојба, а тоа е граѓаните да не веруваат дека во нашата држава може да се отвораат добро платени работни места. Нашата политика од 2017 година и наваму е конзистентна, а тоа е секое работно место кое што ќе се отвори од странски и домашни компании, а би требало да добие поддршка од страна на Владата, мора да биде достоинствено платено работно место, рече Битиќи во одговор на новинарско прашање пред почетокот на македонско-финскиот бизнис форум во организација на Стопанската комора.


Ние, посочи, во законите веќе имаме кажано дека поддршка може да се добие само ако платата е над 50 отсто повеќе од минималната плата што би дошло некаде до просечната плата во државата.

-Само такви конзистентни политики ќе направат нашите луѓе повеќе да веруваат и да ја вратат довербата дека во нашата земја се креираат достоинствени работни места и секако трендот на миграција ќе се намалува. За жал, последиците ги плаќаме сега на политиките и одлуките коишто некои мои претходници наназад години, наназад децении ги правеле за нашата држава, рече Битиќи.

Нагласи дека се уште е висока стапката на невработеност во нашата земја.

-Според последните податоци од Државниот завод за статистика и Агенцијата за вработување стапката на невработеност е некаде 13,7 отсто. Тоа е висока стапка на невработеност. Долгорочно решението е нашите луѓе да се осмелат, да се преквалификуваат и да прифатат достоинствени работни места. Ме радува фактот што можеби некогаш одредени случувања неприродно се случуваат како што е миграцијата, но го натераа приватниот сектор да даваат подостоинствени плати отколку што давале претходно. Затоа сметам дека секој тек или случување во одредено време се случува со причина, а причината овде е дека сите и во приватниот сектор ќе треба да разбереме дека нема веќе работници што треба да ги платите под достоинството на работникот затоа што секогаш ќе има опции, порача Битиќи.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK